Уште една тешка сообраќајна несреќа се случи вечерва близу Битола, овој пат, со трагични последици.
Според првични неофицијални информации, на магистралниот пат Битола – Прилеп, на десеттина километри од клучката на влезот од Битола, во близина на село Беранци, вечерва околу 20 часот се судрија патничко возило “Фијат Уно“ со ресенски регистерски таблички и товарно возило, шлепер со скопски регистерски таблички.
При фаталниот судир, според извори на тв Алфа од СВР Битола, животот го загуби едно лице.
Според Алфа тоа бил 29-годишен ресенчанец, сопственик на патничкото возило, но постојат и информации дека лицето кое загинало е 28 годишна девојка.
Од Клиничката болница во Битола за Телевизија Алфа велат дека е примено едно лице со тешки телесни повреди, кое е сместено во Службата за анестезија, реанимација и интензивна нега.
Од 20 часот и петнаесет минути, сообраќајот на магистралниот пат Битола – Прилеп е во прекин поради увид на истражните органи, а сообраќајот се пренасочува преку стариот пат Битола – Прилеп од кај село Могила. Од Битолската болница и од СВР Битола, повеќе информации за овој случај нјајавуваат во утрешниот ден.
Пред само три месеци, во близина на вечерашнава несреќа, се случи тешка сообраќајка во која животот го загубија седум лица, на прегледно место кое не е црна точка на магистралниот пат.