Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска апелираше и упати јавен повик до граѓаните на Република Македонија за мирни и ненасилни протести.
– Секој има прво мирно и демократски да го изрази своето видување, револт и незадоволство, меѓутоа тоа мора да биде ненасилно и мирно како што доликува на демократски свет. Во таа насока апелирам да нема насилства на протестите и да нема состојби на уништување на имот, како и напади врз полицијата, изјави Спасовски по денешниот работен состанок со началникот на СВР Скопје и луѓето вклучени во обезбедување на синоќешните протести.
Тој апелира до граѓаните да ја третираат полицијата како партнер и чувар на нивната безбедност.
– Нормално е полицијата да постапува по стандардни процедури и да нема прекумерна употреба на сила. Во тој правец и сега разговаравме колку е можно повеќе сите вклучени да бидат заштитени, рече Спасовски.
МВР претходно соопшти дека во синоќешните протести се повредени, две лица, од кои еден новинар, а 13 се приведени. Во нередите што се случија беше демолирана Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов и оштетена зградата на Министерството за правда.