Спектакуларно отварени ЗОИ во Сочи


Со палење на олимпискиот оган вечерва во црноморскиот град Сочи во Русија отворени се 22. Зимски олимписки игри. Официјално игрите за отворени ги прогласи претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.

1689884_10152196002646181_1460857807_nОлимпискиот оган на стадионот „Фишт“ го донесе руската тенисерка Марија Шарапова, а го носеа и атлетичарката Јелена Исинбајева, борачот Александар Карелин и гимнастичарката Алина Кабаева за потоа надвор од стадионот на спектакуларен начин да го запалат лизгачката Ирина Родинина и голманот во хокеј на мраз Владислав Третјак.

Свечената церемонија се одржа пред окoлу 40 илјади гледачи вo присуство на претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах, бројни претставници на меѓународни организации и високи делегации од странство.

На присутните им се обратија и Дмитри Чернишенко, претседател на Организациониот комитет Сочи 2014 и претседателот на Меѓународниот Олимписки комитет, Томас Бах.

1780826_10152196002771181_1385716572_nНа 22. Зимски олимписки игри ќе настапат рекордни 88 држави и вкупно 2.860 спортисти, а најбројна делегација има домаќинот Русија со 270 спортисти. За првпат во историјата на свеченото отворање спортистите излегуваа од средината на стадионот.

Македонија ќе биде претставена со тројца спортисти: Дарко Дамјановски, Марија Колароска и Антонио Ристевски. Знамето на Република Македонија на отворањето го носеше Дамјановски за кого ова е трето учество, додека за алпскиот скијач Ритевски ова е втор настап. Шеснаесетгодишната Колароска ќе дебитира на годинашните олимписки игри во нордиските дисциплини.

На годинашните ЗОИ ќе бидат поделени 98 комплети медали. Веќе утре ќе бидат врачени првите медали: биатлон 10 километри, сноуборд – слоупстајл, брзо лизгање 5.000 метри кај мажите и крос кантри (7,5 километри класично и 7,5 километри слободно) кај жените.

ЗОИ во Сочи ќе траат до 23 февруари. Организаторот на игрите вложи огромни средства за изградба на спортските објекти, но и за инфраструктура. Според проценките ова се најскапите олимписки игри во кои се вложени околу 50 милијарди долари. Особено внимание е посветено на безбедноста.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1