Срцето на Верица продолжи да работи и да живее во телото на 22 годишно момче


Срцето на Верица продолжи да работи и да живее во телото на млад, 22 годишно момче чиј живот поради срцева болест беше во опасност. Операцијата на трансплантација на срцето заврши во 3.33 часот утрово, а Министерството за здравство ја оцени како успешна.

-Во 3 часот и 33 минути утринава кај 22-годишно момче зачука ново, донирано срце. Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија. Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше. Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот. Горд сум на моите колеги, напиша пред малку министерот за здравство Венко Филипче на неговиот Фејсбук профил.

Министерството за здравство информира дека вчера доцна во вечерните часови успешно се спроведе и втората трансплантација на срце од починат донор во нашата држава. Пациентот кој го прими срцето е на возраст од 22 години и има сериозно заболување кое го оштетува срцето.

Два бубрега од оваа пациентка денес ќе бидат трансплантирани кај пациенти кои со години се на дијаиза. Во понеделник наутро коската со метастази на пациент кој се лекува на Клиниката за ортопедија ќе биде заменета со здрава коска од починатата девојка. Уште десетина пациенти кои боледуваат од карцином кој им ги оштетил коските и пациенти со тешки фрактури кај кои нема можност да се стават протези ќе добијат заменски коски од починатиот донор. Ова е прва ваква експлантација направена во земјава.

Голема благодарност до семејството на починатата пациентка кое се согласи да ги донира органите на својата ќерка. Огромна е жалоста за загубата на младата пациентка, но голема е утехата дека нејзиниот живот ќе продолжи преку неколку други.

Тимот кој учествуваше во оваа комплексна операција е од некоку кардиохируршки центри. Тие уште еднаш ни докажаа дека нашиот систем располага со тим на хирурзи кој функционира беспрекорно.

Во процесот на трансплантација учествуваа доктори од клиниките за КАРИЛ, Урологија, Кардиохирургија, Ортопедија, Нефрологија, Радиологија, Кардиологија, Рентген институот, Клиниката Жан Митрев и Аџибадем Систина. Благодарни сме на сите лекари кои учествуваат во постапката на утврдување на мозочна смрт, во експлантација и во трансплантацијата на органи, како и на сите оние кои логистички ја поддржаа постапката.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1