Силен град во неделата од 14 до 15 часот го зафати Радовишко. Радовиш побелел, а на повеќе места, како што велат радовишани, имало слоеви од град подебели и од 20 сантиметри. За среќа, зрната не биле големи, па до вчера претпладне немало пријавено претрпени штети.
Радовишани истакнуваат дека не паметат некогаш да имало град во февруари, речиси среде зима. Топлото време преку целата зима предизвикаа и други необични случувања за овој период од годината. Така, пред десетина дена во Радовишко дете било каснато од змија, кое, за среќа, по интервенцијата во штипската клиничка болница завршило без последици.