Средношколците на час ќе учат како да се заштитат на интернет


Зголемениот број претставки за злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи и повредување на правото на приватност е главната причина за воведување час по приватност во сите средни училишта во Скопје. Статистиката на Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), кои се и носители на оваа иницијатива, говори дека непознавањето на политиките на приватност во сајбер-просторот, изнесувањето невистини, користењето на говорот на омраза, не е само слабост на децата, туку и на родители и наставници.

Во проектот на Дирекцијата ќе учествуваат и Министерството за образование и наука и Градот Скопје. Надлежните оваа мерка ја оцениле како итна за да има ефективни промени. Ќе бидат опфатени 80.000 ученици од 21 средно училиште вклучително и нивните родители и директорите, 40 педагози и 1.000 класни раководители.

face kompjuterЧасот по приватност ќе се одржува в понеделник во рамките на класниот час, информира вчера директорот на ДЗЛП, Димитар Ѓеорѓиевски, при потпишувањето на меморандумот за соработка со градоначалникот на Скопје, Kоце Трајановски. Децата ќе учат како да се заштитат од кражба на податоци и каде да се обратат доколку се жртви и тоа не само во однос на социјалните мрежи. Теми ќе бидат и говорот на омраза, кој с` повеќе ја погодува младата популација, концептот на заштита на личните податоци, правото на приватност во образовниот процес, заштита на приватноста, тајност на комуникацијата, тајност на писмата и однесувањето на социјалните мрежи.

– Една од генералните причини што Градот Скопје се вклучува се податоците од проектот за набљудување на криминалот од омраза на Хелсиншкиот комитет, според кој лани биле регистрирани 116 злосторства од омраза, а најчести сторители и жртви се малолетниците. Околу 72 отсто од овие инциденти се случиле во Скопје и околината – истакна градоначалникот Трајановски.

Предавањата ќе ги држат инспектори и едукатори ангажирани од Дирекцијата.

– Од вкупниот број примени претставки, дури 60 отсто се во насока на злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи. За бришење лажен профил на „Фејсбук“ се поднесени 187 барања, за пробиено корисничко име и лозинка 43 барања, за отстранување видеа и фотографии од „Јутјуб“ се поднесени 6 барања, за имејл-адреси две и за други мрежи 14 – појасни директорот Ѓеорѓиевски.

Тој смета дека преку вакви иницијативи и проекти се доближува материјата и комплексноста на темите и ќе се овозможи едукација на повеќе целни групи. Отпачетени се едукативен материјал, постери, брошури и летоци, со цел да се изгради култура на паметно користење на интернетот. Во средните училишта ќе се отворат информативни катчиња каде што ќе има материјали за оваа проблематика.

Дневник

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1