СВЕТИ НИКОЛА ЧУДОТВОРЕЦ


Роден е во градот Патара, Ликија (на јужниот брег од Мала Азија), како единствено и измолено од Бога дете на верните, богати и угледни родители Теофан и Нина, кои решија да Му го посветат на Бога, принесувајќи Му така дар. Уште со самото негово раѓање, Светото Предание му припишува чуда.

sv nikolaНеговата мајка, Нона, чудесно се излечила од болестите откако го родила. На денот на неговото Крштевање, без човечка помош стоел на своите нозе три часа, за што подостојно да ја прослави Пресветата Троица. Уште од најрана возраст, како бебе го почитувал и се придржувал на постот в среда и петок, така што не го прифаќал мајчиното млеко во тие денови додека неговите родители не завршиле со вечерните молитви. Како дете, со голем восхит пристапувал кон проучувањето на Светото Писмо; преку ден не го напуштал Храмот, а ноќе се молел и читал книги на тој начин станувајќи достојно место за пребивање на Светиот Дух.

Знаењето за духовниот живот Св. Николај го стекнал преку својот чичко Николај, епископот Патарски, кој го назначил прво за чтец, а потоа и за свештеник. По смртта на родителите Николај им го раздал наследениот имот на сиромасите и ништо не задржал за себе.

Додека бил свештеник во Патара тој многу се прочул со делата на својата милостиња, иако ги криел грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Во тоа време имало еден богат човек во Патара, кој изгубил сѐ и не можел да го прехрани своето семејство. Бидејќи имал три ќерки стасани за мажење, а за нив немал приготвено мираз, му дошла погубна мисла – да почне да ги продава телата на неговите ќерки, за да спечали некој денар и да може да се прехранат. Дознавајќи за неговата крајно погубна намера, свети Николај тајно го посетил и му фрлил кесичка со пари преку прозорецот, вардејќи да не го види случајно некој.

Со тие пари, кој таткото ги нашол, ја омажил првата ќерка. Истото овој светител го стори и за другите две негови ќерки, на тој начин спасувајќи го сето семејство од духовна смрт. Наскоро чичкото на овој светител реши да оди на свето поклонување во Ерусалим, препуштајќи му ја грижата за стадото на својот внук. Овој не само што се покажал достоен и вреден за довербата, туку сето тоа го правел со крајна послушност и љубов. Откако неговиот чичко се вратил од поклонението, свети Николај побарал благослов за тој да оди во Светата Земја.

На своето патување низ Светата Земја тој направил безброј чуда: предвиделл дека морето ќе го зафати страшна бура која потоа ја смирил со неговите молитвни и вера и го спасил од смрт морнарот кој бил смртно повреден преку своите молитви. Пристигнувајќи во Ерусалим, Му заблагодарил на Создателот токму на местото наречено Голгота. Ги посетил сите места во Светата Земја, и посакал да се повлече во пустината и да се замонаши на Синај. Но Божествен глас му се јавил, велејќи му да се врати во родната земја.

Кога се вратил во Ликија, се замонашил во манастирот Новиот Сион, основан од тој негов чичко, длабоко посакувајќи го мирот и тишината. Но уште еднаш Божјата Волја покажала дека има други планови за него. Му се јавил божествен глас, велејќи му да го напушти манастирот и да се врати во светот, во Мир, каде најдостојно би Го прославил Бога. Светителот, со целосно послушание ја напуштил Патара. Набрзо по неговото пристигнување во Мир, архиепископот Јован се претставил пред Бога, и местото било сѐ уште непополнето.

Светителот набрзо бил избран за Епископ на Мира, откако еден од епископите на Советот кој го бирал наследникот на Јован одлучил новиот епископ да биде назначен од Бога, а не од нив: така, еден од постарите епископи добил визија на сјаен човек кој му рекол дека првиот човек кој ќе влезе во Црквата истата вечер треба да биде следниот архиепископ; и дека неговото име ќе биде Николај. Стариот епископ веднаш поитал кон Храмот Божји, во исчекување на човекот кој ќе биде таму. Пред портите го чекал св. Николај, кој секогаш прв пристигнувал на Литургија.

Откако го прашал како се вика, светецот одговорил: „Се викам Николај, Учителу, и твој слуга сум.“ За време на гонењето на христијаните под Диоклецијан и Максимијан бил ставен во затвор, но тој и во затворот ги поучувал луѓето на законот Божји, не допуштајќи да се поколебаат во верата.

Со доаѓањето на власт на светиот цар Константин, христијаните веќе не биле гонети и добиле рамноправно место во Римското Царство. Токму во тој период, овој милостив зилот со чисто срце разурнал многу пагански храмови и идоли во Мир и неговата околина, изгонувајќи ги лошите духови. Во 325 година учествувал на Првиот вселенски собор, каде го посрамил Ариј заедно со Св. Силвестер, Александар, Спиридон и другите свети отци на Соборот.

Од голема ревност за вистината го удрил еретикот Ариј. За ова дело бил отстранет од Соборот и од архиерејската служба, сѐ додека на неколкумина од првите архиереи на Соборот не им се јавиле Самиот Господ Исус Христос и Пресвета Богородица и не го објавиле своето благоволение кон Николај, враќајќи му го омфорот и Евангелието. Чувар на Божествената вистина, овој чудесен Божји светител бил и одважен заштитник на правдата меѓу луѓето, насекаде сеејќи мир и благодат.

На двапати спасил по тројца луѓе од незаслужена смртна казна. Милостив, вистинољубив и праведен, уште за време на животот луѓето го сметле за светител и го повикувале на помош во маки и неволји; им се јавувал во сон и на јаве на тие што го повикувале, еднакво лесно дали се блиску или далеку, и им помагал. Многу пати им помагал и на давениците, затворениците и ги избавувал од неволји морепловците. На старост малку се разболел и се упокоил во Господа, за вечно да се весели во Небесното Царство продолжувајќи да чудотвори на земјата, помагајќи им на верните и прославувајќи Го својот Бог.

Неговите мироточиви мошти биле поставени во локалниот храм, и многу луѓе имаат најдено спас преку нив. Но во 1087 година, откако градот бил разорен и уништен, тие биле чудотворно пренесени во Бари, Италија, каде што се наоѓаат и ден денес. Неговото име се слави насекаде низ светот, а се смета за небесен заштитник на Русија и Грција.

Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски е славен Божји светител кој се слави низ сиот свет. Славен е од како од Православните, така и од другите христијани и иноверци: муслиманите од Турција исто така многу го почитуваат овој светител. Зел учество на Првиот вселенски собор во Никеја, каде од ревност го нападнал еретикот Ариј. Најстарото житие за него потекнува од 10 век.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1