Се наоѓа ли Али Ахмети на списокот обвинети од Специјалниот суд во Хаг? Непотврдената информација ја пренесоа неколку медиуми на албански јазик, повикувајќи се на извори од ДУИ. Но од партијата експресно ја демантираа информацијата, оценувајќи ја како лажна вест која има цел да им наштети на Албанците.
„Злобната и поттикнувачка пропаганда против претседателот Али Ахмети и напорите на албанскиот народ за слобода и независност не престануваат. Лажната вест на еден албански проопозициски портал за наводното обвинение против Ахмети е најдобриот доказ за нивниот постојан став кон последните случувања и ослободителната војна на албанскиот народ“ – напиша вицепремиерот Груби.
Според објавената вест, Ахмети заедно со сега веќе поранешниот косовски претседател Тачи и уште тројца други косовски политичари се товари за воени злосторства против човештвото.
Откако хашкото обвинителство ги потврди обвиненијата и соопшти за апсењето на Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, припадници на ЕУЛЕКС денеска извршија претрес во домовите на овие, некогаш високо позиционирани припадници на ОВК, а прегледана од полицијата беше и седиштето на Демократската партија на Косово.
Во врска со обвиненијата на Специјалниот суд, премиерот Хоти истакна дека Косово повторно се соочува со искушенија како и многу пати претходно.
„Народот на Косово не се бореше на туѓа почва, туку во сопствениот двор за да си го заштити прагот. Агресор беше Србија. Никој никогаш нема никаква дилема во врска со ова. Ние мора да покажеме мудрост и визија да се соочиме со оваа голгота и да излеземе со бело лице.“
Тачи, Весели, Сељими и Красниќи – четворицата актуелни или поранешни косовски функционери моментално се во притвор во Хаг. Специјалното хашко обвинителство ги обвини дека се “кривично одговорни за речиси 100 убиства”, како и за “присилно исчезнување на лица, прогонства и тортура“ за време на војната во Косово.