Седумте деца од семејството Ангуло, шест момчиња и една девојка, живееле со родителите во социјален стан на Менхетен во Њујорк , но во 14 години ниту еднаш не излегле на улица во градот.
Багаван (23), Говинда и Нарајана (22), Мукунда (20), Кришна (18), Џагадеш (17) и нивната сестра Вишну и мајката Сузан биле заклучени во станот. Само нивниот татко Оскар, имал клуч однивниот дом. Алкохоличарот од Перу, каде нивната мајка Сузан го запознала и го довела во САД, боледувал од тешка параноја дека Њујорк веројатно ќе ги „контаминира“ нивните деца.
Овие деца не оделе на училиште, некакво подучување добивале од својата мајка, но за надворешниот свет најмногу учеле од филмовите. Се разбира нивната слика за светот била комплетно „холивудска“ како во филмовите што ги гледале секојдневно. Децата од семејството Ангуло во тој временски период изгледале повеќе од 5.000 филмови, а својата реалност ја креирале според омилените ликови како Бетмен чиј костим го направиле од хартии од житарки и простирка за јога.
И кој знае колку долго нивната приказна би останала во четирите ѕида доколку еден од браќата не успеал да побегне по што се охрабриле и останатите деца. Во едно такво излегување на Петата авенија ги забележала режисерката Кристал Мосел.
– Сите имаа очила за сонце и изгледаа како да се излезени од филмот „Reservoir dogs“. Како да се некакво племе, само не од крајот на светот туку од улиците на Менхетен – раскажала режисерката чиј документарец за семејството Ангуло „The Wolfpack“ освои главна награда на филсмкиот фестивал „Санденс“ минатиот месец, пренесува „Дејли меил“.
Откако налетала на „егозтичните браќа“, режисерката полека успеала да ја придобие нивната доверба и да влезе во нивниот дом.
– Изненадувачки се бистри. Не познаваат никој надвор од нивното семејство. Своите мечти за надворешниот свет ги хранеле со филмовите на Квентин Тарантино, Мартин Скорсезе и Кристофер Нолан. Браќата се најнежните, најљубопитните и најпроникливите суштества кои сум ги запознала, што значи дека барем нешто во тоа семејство е направено добро, изјавила режисерката.
По откривањето на овој несекојдневен случај, децата сепак добиле психијатриски третман и тешко се носат со тоа што им го направил нивниот татко. Шестмината браќа се уште живеат во заедничкиот стан, додека нивната сестра, која е и најстара, се преселила.