Телеграма со сочувство од премиерот Заев за смртта на Горан Стефановски


Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев испрати телеграма со сочувство за смртта на драмскиот писател Горан Стефановски.

-Замина нашиот Горан Стефановски. Нема зборови да ја изразат тагата. Како да ги зеде со себе кога замина зашто тој беше господар на зборовите. Колекционер на човечкиот гнев, на надежите, подемите и падовите, кои потоа со толку голема љубов ги редеше во своите драмски записи и како од најубави нишки ја плетеше хрониката за нашето време, пишува премиерот Заев во телеграмата до семејството на Стефановски.

Ни откриваше, додава, дека неговите драмски ликови се сите лица и илјадниците нијанси на Македонија и ни даваше причини токму заради тоа да ја љубиме уште повеќе.

-Неговите рожби, драмските херои на нашето време, заминаа да го испратат на неговото последно патување. Затоа сега сцената е празна, книгата е на последната страница, а тишината е толку силна и болна. Но, ќе се вратат, сцената ќе се осветли, а дијалозите на неговите драмски рожби ќе блеснат со сета своја полнота за да говорат за тивкиот човек кој секогаш остана нашиот сосед и лик од нашата улица кој не пленеше сите со својата топла, искрена насмевка. До тогаш – нека завладее громоболната тишина зашто нема зборови за да ја изразат тагата и сочувството за вашата болка, порачува премиерот Заев во телеграмата со сочувство до семејството на Стефановски.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1