Министрите за надворешни работи на Македонија, Србија, Унгарија и Грција во септември би требало да потпишат меморандум за изградба на гасоводот „Тесла“ кој треба да го поврзе „Турски тек“ со Австрија, објавува рускиот весник „Вједомости“.
Гасоводот, кој е продолжение на „Турски тек“ на руската енергетска компанија Газпром, треба да минува низ Грција, Македонија, Србија и Унгарија и да стигне до гасниот чвор Баумгартен во Виена.
Се предвидува гасоводот „Тесла“ да биде со должина од 1.300 до 1.400 километри и со капацитет од 27 милијарди метри кубни гас и да биде завршен до 2019 година. Неговата изградба би чинела од 4 до 5 милијарди евра, а Грција би можела да го продлжи и до Италија.
Гасоводот „Турски тек“, пак, ќе има капацитет од 63 милијарди метри кубни гас. Почнува од Русија и под Црното Море ќе доаѓа до Турција. Предвидено е да биде продолжен до гасниот чвор на турско-грчката граница. Доаѓа наместо гасоводот „Јужен поток“ од кого Русија се откажа лани во декември заради, како што беше посочено, неконстуктивниот став на Европската унија кон неговата реализација.