Тиаго Силва стана жител на Париз



Бразилскиот стопер потпиша петгодишен договор со тимот на во кој ќе заработува девет милиони евра по сезона, Милан доби отштета од 40 милиони евра

Екипата на ПСЖ и официјално го потврди најновото засилување во своите редови, довчерашниот одбранбен играч на Милан, Тиаго Силва (27). Бразилецот потпиша петгодишен договор со францускиот тим според кој ќе заработува по девет милиони евра во сезона, а Милан доби 40 милиони евра на име отштета од богатите арапски сопственици на клубот од „Паркот на принцовите“.

Силва стана втор најплатен Бразилец во историјата на фудбалот. Само Реал Мадрид плати повеќе пари за услугите на неговиот сонародник Роналдо. „Кралскиот клуб“ во 2002 година плати 62 милиона евра на Интер.
Еден од најдобрите светски стопери покрај Милан досега има настапувано и за Флумензе, Порто и Динамо од Москва.
„Силва е еден најдобрите дефанзивци во светот. Пресреќен сум поради неговото пристигнување. Со него и останатите играчи можам да направам фантастична одбрана. Го познавам, тренирав со него шест месеци во Милан и клубот направи одлична работа што го ангажираше“, изјави поранешниот тренер на Милан, и сегашен на ПСЖ, Карло Анчелоти.

Откако Силва и официјално потпиша за францускиот тим, сега се чека потврда за трансфер и на Златан Ибрахимовиќ. Швеѓанецот доби понуда од 12 милиона евра по сезона од богатите шеици од ПСЖ и според пишувањата во италијанскиот печат Милан би требал да добие обесштетеување од 25 милиони евра.
Во меѓувреме тимот предводен од Карло Анчелоти викендот го одиграа и вториот меч за време на подготовките за новата сезона. Ривал беше московска ЦСКА против која дебитира аргентинскиот напаѓач Езекил Лавеци, кој летово дојде од екипата на Наполи. Натпреварот заврши без победник (2:2), за ПСЖ погодија Луиндула и Гамеиро, а стрелци за рускиот тим беа Џагоев и Думбија.

Љубиша Владимиров

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1