Според постигнатиот договор лекарите ќе бидат плаќани според квартален модел на проектот за плаќање според сработеното кој подразбира дека ќе се пресметува плата според сработеното на крајот на секој квартал за изминатиот тримесечен период. Со делумниот договор се предвидува и пораст на платата на лекарите за 20 отсто до крајот на идната година, а по изборите во 2013 година ќе продолжат преговорите за понатамошно зголемување.
– Штрајкот е ставен во мирување. Беше постигнат договор за поголем дел од барањата, а тоа вклучува и решение за декемвриската плата да биде исплатена целосно. На средбата е разговарано и за покачување на платата, но не се открива за колку проценти, како и да се стопира емитувањето на спотовите на телевизиите. Сите детали ќе бидат соопштени на крајот од неделата, кога се очекува и потпишување на анекс на колективниот договор, изјави д-р Дејан Ставриќ, претседател на Самостојниот синдикат на клиничките центри, организатор на овој штрајк.
Тодоров вели дека е договорено секоја здравствена установа да има администратор, кој ќе внесува бодови за сработеното.
Со штрајкот лекарите бараа да се смени начинот на кој им се пресметуваат платите, а истите да бидат зголемени. Лекарите штрајкуваа од 14 ноември.