Доколку до петок „Топлификација“ не го подмири долгот кон „Макпетрол“ ќе престане испораката на енергенси и природен гас кон неа, најави денеска претседателот на Управниот одбор на „Макпетрол“, Андреја Јосифовски.
Тој на средбата со новинарите информираше дека до денеска долгот на Топлификација кон Макпетрол по основ на испорачан мазут и природен гас изнесува 191 ипол милион денари.
– Нашето трпение е при крај и ќе испорачуваме до петок. Доколку во петок не биде исплатен долгот на Топлификација миниум од три милиони евра ќе ги стопираме понатамошните испораки, истакна Јосифовски.
Според неговите проценки, имајќи ја предвид динамиката на плаќање на Топлификација до крајот на неделата и потрошувачката, се очекува долгот да порасне на четири милиони евра.
– Ние ниту се закануваме, ниту имаме намера за тоа, туку имаме намера да го штитиме интересот на акционерите на „Макпетрол“ и не сакаме да го губиме бонитетот како фирма кон нашите добавувачи. Било кое решение кое ќе биде изнајдено во овие два дена и ќе ги задоволи нашите барања ќе значи дека ќе продолжиме со испораката на енергенсите кон Топлификација, нагласи Јосифовски.
Постои и друга опција, односно да се понуди одложено плаќање на 30 дена, но како што појасни за тоа е потребна банкарска гаранција која во моментот Топлификација не може да ја обезбеди.
Според Јосифовски, доколку не се надмине проблемот последиците би биле катастрофални не само за потрошувачите на топлинска енергија, туку и за целото стопанство.
– Ако Макпетрол дозволи да се доведе во ситуација да не може да го плати гасот кон рускиот испорачател или мазутот кон рафинеријата Окта, ќе падне гаранцијата која ја имаме дадено за двомесечна потрошувачка на природен гас и сигурно дека ќе бидат стопирани сите понатамошни испораки на гас. Во колатерална штета ќе биде не само Макпетрол, туку и сите останати корисници на природен гас во Македонија, појасни Јосифовски.
Тој информира дека за одлуката за прекин на енергенси кон Топлификација се информирани сите субјекти.
– Макпетрол е трговец кој има лиценци за трговија со природен гас, за снабдување и складирање со нафтени деривати и секој кој што ќе плати, ќе добие гориво. Ситуацијата е повеќе од сериозна. Проблемот егзистира уште од минатата година кога Топлификација најави дека нема капацитет и нема финансиски можности да ја врши дејноста, односно дека може да ги подмирува обврските, но во рок од осум до девет месеци, рече Јосифовски.
Прашан за проектот „Јужен поток“, Јосифовски рече дека Македонија сигурно ќе биде дел од него, меѓутоа во делот на снабдување со природен гас преку постојниот гасовод во Македонија.
Во врска со неодамнешната иницијатива да и се одземе лиценцата на „ГА-МА“ за природен гас, Јосифовски оцени дека таа е во спротивност со европските директиви и оти не може двете дејности – пренос на гас и управување со системот на природен гас да се одвојат.
– Таа иницијатива беше стопирана од Секретаријатот на енергетската заедница во Виена. Тоа беше во спротивност со европските директиви. Двете дејности – пренос на природен гас и управување со системот на природен гас се неделиви дејности. Како ќе вршите пренос, ако во ваша сопственост ги немате средствата за пренос. Во пракса тоа е неизводливо, истакна Јосифовски, додавајќи дека доколку тоа се случи Македонија ќе остане без гас на подолг рок.
Очекува дека кон почетокот на следната година можно е намалување на цената на природниот гас. – Цените на гасот сигурно би се намалиле и верувам дека за неколку дена и ние ќе бидеме во можност да излеземе со таква информација бидејќи минатата година цената на гасот кој Макпетрол го набавува се намали за 4,5 проценти во договорот со рускиот испорачател, рече претседателот на Управниот одбор на Макпетрол на денешната прес-конференција.
По повод 65 годишниот јубилеј, компанијата ќе донира средства во висина од 15 илјади евра на специјалната болница за ортопедија „Св. Еразмо“ во Охрид, Домот за деца без родители „11 Октомври“, Здружението за слепи и Националниот сојуз за лица со телесен инвалидитет