ТРОЈЦА, МЕЃУ КОИ И 19-ГОДИШНА ДЕВОЈКА, ОСОМНИЧЕНИ ЗА УБИСТВО НА РАКОМЕТАРОТ ДЕНИС ТОТ


Тројца, меѓу кои и 19-годишна девојка се осомничени за убиство на хрватскиот ракометрар на Бутел, Денис Тот, кој вчера почина на КАРИЛ, соопшти Обвинителството. Двајца од осомничените се лишени од слобода и денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот се трага и е распишан централен распис. Тие се идентифиувани врз основа на прегледаните видеозаписи од безбедносни камери – Safe City и ноќниот клуб каде се случило убиството.

Утринава на Институтот за судска медицина и геонтологија е извршена обдукција врз 27-годишниот Тот, и според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари, вели Обвинителството.

„Кривично-правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките ‘Мајка Тереза’. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животнозагрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал“, соопшти Обвинителството.

Со оглед на тежината на стореното кривично дело и запретената казна, како и заради непречено водење на постапката, обвинителството цени дека се исполнети законските услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување на присуство, па за сите осомничени ќе предложи да им биде определена мерката притвор.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1