Цел еден град од 15 илјади жители е иселен од Источна Македонија


Во рударскиот град Македонска Каменица од близу 6.000 жители половина не се дома..

Цел еден град голем колку Делчево е иселен од источниот дел на државата во последните петнаесетина години. Над 15.000 главно млади луѓе, се иселиле од Источна Македонија низ светот. Сите фатиле магла од родните огништа откако дома не успеале да го реализираат животниот сон, ниту, пак, да си обезбедат барем трошка човечка среќа и грам достоинствен живот, пишува Утрински весник во својата репоратажа.

grad makedonijaВиничкиот градоначалник Емил Дончев информира дека од неговата општина досега се иселиле близу 4.000 млади луѓе, кои, во најголем дел, си нашле работа во Италија, земја во чиј град Канели, благодарение на доселените виничани, повеќе се слуша македонскиот, отколку италијанскиот јазик. Таа бројка е еднаква на бројот на вработените во оваа општина. Преку лето во Виница можат да се сретнат повеќе автомобили со италијански регистарски таблички отколку со македонски. Кочанскиот градоначалник, пак, Ратко Димитровски вели дека во втората по големина општина во регионот најголем проблем е невработеноста. Во овој град бројот на невработени е изедначен со бројот на вработени. Шансите да се дојде до работно место се еднакви на нула, бидејќи во Кочани нема ниту најави за нови инвестиции во стопански објекти.

„Завршив Педагошки факултет, барав работа во струката и надвор од неа, барав каква било работа, ама секаде наидував на затворени врати, секаде ми велеа дека и тие што ги вработиле им се премногу. Немав друго чаре освен да се спакувам и да си ја барам среќата прво во Грција, а потоа во Италија. Во Италија заминав со бугарски пасош, оти така е најлесно, тие се во ЕУ па на границите никој не ни прави проблеми“, ни рече Митко, 31-годишен кочанчанец, кој веќе три години е на работа во Италија и има намера, како што вели, ако му се даде шанса, таму да остане за навек.

Во рударскиот град Македонска Каменица од близу 6.000 жители половина не се дома. Во неможност да се справат со сиромаштијата, свесни дека ги бидува за работа макар каква и да е, децата, како што ни рече пензионираниот рудар Димче Анастасов, си го фатиле патот.

„Каменица е полупразно гратче. Гледам една жална слика, а срцето ми се кине од вистината дека навечер сум сам во голема куќа, која моите тројца синови ја изградија работејќи десетина години во Швајцарија. Едвај чекам да дојде јули кога сите си доаѓаат дома, па да си ги гушнам внучињата. Тоа што семејствата ни се растурија, тоа најмногу боли“, со тага во гласот ни зборуваше некогашниот ударник на „Саса“.

Во Делчево речиси и нема семејство од кое барем по еден млад човек не зел бугарски пасош и заминал во белиот свет во потрага по парче среќа. Процените се дека од општината заминале близу 3.500 лица. Бугарскиот пасош за овдешните млади луѓе е единствен начин да се замине некаде во Европа, да се обезбеди живот за себе и за семејството.

За разлика од Делчево, беровци најмалку сакаат да заминат во странство, но секој што завршил факултет останува да живее или во Скопје или во Штип и не се враќа дома.

Најимпресивна приказна во однос на оваа жална македонска тема е виничкото село Блатец, кое некогаш беше самостојна општина. Од над 2.000 жители, сега во убавото потплачковичко село ги има одвај половина. Атанас Ангелов е угледен и успешен земјоделец, кој има три комбајни и повеќе други земјоделски машини. „Лани и преклани барав млад човек да работи со комбајните, ама не најдов ниеден, иако нудев услови какви што ги нуди и Европа. Годинава живеам во голем страв дали таа слика ќе ми се повтори. Едноставно, во селото кое некогаш вриеше од млади, денес нема човек помлад од педесет години. Тоа е нашата, блатечка, ама и македонска трагедија и некој мора да го спречи тој процес на одење на сите наши млади деца во туѓина“, вели Ангелов.

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1