Борис Пановски, 70-годишниот Македонец осомничен дека убил свој врсник во Торонто, е уапсен денеска кога се вратил во Канада од Турција. Против него е покренато обвинение за убиство од прв степен и за обид за убиство, јавуваат медиумите.
Убиениот Дон Фриго бил застрелан додека јавал коњ на 13 септември, а неговата придружничка била повредена во инцидентот. Канадската полиција од тогаш интензивно трагаше по главниот осомничен, Пановски, кој наводно убиството го извршил поради освоена награда во натпревар за кучиња.
Имено, Пановски, наводно, на Фриго му го продал расниот птичар Силвер, кој, пак потоа станал голем шампион, добивал и парични награди. Пановски, пак, кој бил професионален дресер на кучиња, се соочувал со банкрот, па дури и со развод од својата сопруга.
Полицијата следеше повеќе траги за Македонецот, кои наведуваа дека тој можеби избегал во Македонија, Хрватска или во Куба. Сепак во Канада се вратил од Турција и бил уапсен веднаш штом авионот слетал на аеродромот, а в понеделник ќе биде изведен пред суд.
Само седум часа по убиството, Пановски за своја профил на Фејсбук објавил слика од себе како се ракува со премиерката на Онтарио Кетлин Вајн, за време на нејзината посета на прослава на македонското културно друштво „Свети Климент“ во Торонто. Ракувањето се случило за Илинден, но од канцеларијата на премиерката објавија дека таа не знае кој е Борис и дека често се ракува со многу граѓани на стотици настани на кои присуствува.