Заменик началникот на охридската полиција Башким Чолаку и двајца полициски службеници од граничниот премин Ќафасан се уапсени поради сомнение за нивна инволвираност во трговија со луѓе и криумчарење мигранти, објави Пресс24 повикувајќи се на извори во истрагата.
Според првичните информации Чолаку и двајцата полициски службеници биле поврзани со претходно уапсена група од Тетово која се занимавала со ваков криминал.
Од МВР потврдија дека утрото е уапсен заменик – началникот на СВР Охрид како и двајца полицајци кои работеле на граничниот премин Ќафасан.Заменик – началникот и двајцата гранични полицајци се опфатени со истрагата поврзана со нелегален престој на танчарки во неколку локали во тетовско кои се откриени во декември минатата година.
Истрагата ги довела полицајците до уапсените откако било откриено дека танчарките добивале печати во нивните пасоши на нелегален начин од страна на тројцата припадници на МВР.