Повеќе угостителски објекти во Охрид и во Кичево во четвртокот биле под контрола на Управата за јавни приходи (УЈП), полицијата и Државниот пазарен инспекторат, а локалите „Кадмо“ и „Перла“ во Охрид и „Ферат компани“ и „Дежа ву“ во Кичево се затворени поради неправилности во работењето.
Во контролата во угостителски објекти на подрачјето на Охрид беа опфатени девет угостителски објекти „Летница“, „Аквариус“, „Кадмо“, „Перла“, „Пијано бар“, „План Б“, „Објектив“, „Барон“ и „Американо“.
Од извршените контроли во два угостителски објекти „Перла“ и „Кадмо“ од страна на УЈП констатирани се неправилности по однос на фискализацијата за што од нивна страна e изречена глоба во висина од по 3.250 евра во денарска против вредност (2.500 евра за правното лице и 750 евра за одговорното лице во правното лице) како и времени забрани за вршење на дејност во траење од по 15 дена, додека, пак, во другите локали не се евидентирани никакви неправилности. Угостителниот објект „Американо“ бил затворен односно не обавувал дејност.
Во рамки на контролата нарушен е јавниот ред и мир. Имено, сопственик на еден од објектите со иницијали Р.Б., викал и се карал, па против кого ќе биде поднесена прекршочна пријава.
Исто така, при контролите околу 23 часот евидентирано е и оштетување на возило од страна на засега непознато лице на автомобил марка „фиат панда“ сопственост на УЈП, за што од страна на СВР Охрид е извршен увид.
Контроли во угостителски објекти беа реализирани и на подрачјето на Кичево и село Зајас, а беа опфатени седум угостителски објекти „Интернационал“, „Ферит Компани“, „Луна“, „Релакс“, „Мерак“, „Дежа -ву“ и „Принцеза“.
При контролите констатирано е дека „Ферат компани“ и „Дежа-ву“ поради констатирани прекршоци – непоседување нормативи за храна и пијалоци – од страна на ДПИ изречена е глоба за одговорното лице и правното лице вкупно во висина од 1.500 евра во денарска противвредност, додека пак од страна на УЈП поради непоседување фискален апарат во двата случаи изречени се глоби од по 3.250 евра (за правното лице 2.500 ева и за одговорното лице 750 евра) како и времени забрани за вршење дејност во траење од по 30 дена.
Во угостителскиот објект „Принцеза“ од страна на УЈП констатиран е прершок – неводење итна сметководствена книга – за што е изречена глоба во висина од 2.500 евра за правното лице и 600 евра за одговорното лице во правното лице.
Инаку претходно на подрачјето на СВР Тетово во акциски контроли беа опфатени вкупно 43 угостителски објекти од кои санкции беа изречени во 28, во висина од над 51.000 евра. Исто така глоби беа изречени и за девет физички лица затекнати со цигари во угостителските објекти, додека пак беа издадени решенија за вкупно 29 забрани за времено вршење дејност, од кои 18 за времетраење од 15 дена, осум во времетраење од 30 дена и три во времетраење од по седум дена.
Исто така на почетокот на месецот на подрачјето на СВР Скопје во ваквите контроли во угостителски објекти беа опфатени вкупно 91 угостителски објект каде што се служи храна и пијалоци, при што во 40 објекти беа регистрирани неправилности во нивното работење.