Уште едно лице заразено со опасната бактерија листерија е во критична состојба


Едно лице кај кого е лабораториски потврдено присуство на бактеријата листерија и со дијагноза менинго енцефалитис е во критична здравствена состојба на Клиниката за инфективни болести – Скопје.

Едно дете со клиничка форма на сепса (предизвикана од бактеријата листерија), која е во рана појава, е хоспитализирано на Клиниката за детски болести и неговата здравствена состојба се подобрува. Петмината случаи со дијагноза менинго енцефалитис се од Скопје, Кочани, Македонски Брод, Охрид и Гевгелија.

infektivna1Ова денеска го изјави претседателот на Комисијата за заразни болести и директор на Инфективната клиника Звонко Миленковиќ кој рече дека двајца пациенти кај кои било лабораториски потврдено присуство на бактеријата и биле со дијагноза менинго енцефалитис и кои исто така биле хоспитализирани на Инфективната клиника се излекувани и се пуштени на домашно лекување.

Тој посочи дека пациентот кој е во критична состојба подолго време се третира на Клиниката и покрај тоа што е постигната комплетна елиминација на причинителот, односно комплетно санирање на клиничкиот синдром.

– Сомнителни сме сите. Причинителот го има насекаде, меѓутоа болеста може да ја добијат само оние кои се на екстремни возрасти, бремени жени и имунокомпромитирани. Дури и внесена во организмот листеријата во вообичаени концентрации не може да даде никакви симптоми, рече Миленковиќ и додаде дека кај здрави лица со подобар имунитет заболувањето поминува со полесна клиничка слика, со стомачни проблеми, дијареја, температура која трае неколку дена и спонтано поминува.

Појасни дека внесена во поголеми количини бактеријата предизвикува болест. – Болеста не се пренесува од човек на човек ако се исклучи опцијата од мајка на плод. Ако мајката во својот породилен канал е контаминирана при породувањето детето може да се инфицира, потенцира Миленковиќ.

Раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство Јованка Костовска рече дека Министерството пред неколку дена добило информација од Институтот за јавно здравје за појава или регистрација на седум случаи на пациенти кај кои е изолирана бактеријата листерија и за три лица кои починале како резултат од оваа бактерија.

bakteria, virus, labaratorija– Тоа создаде аларм кај нас во Министерството за здравство и во Комисијата за заразни болести поради што Комисијата неколку дена заседаваше постојано со цел да ја увиди целата состојба и да донесе точни предлог-мерки, истакна Костовска.

Овие седум случаи, посочи таа, се регистрирани во последниот месец. – Во јули во последните денови наеднаш се регистрирани три случаи што создаде кај нас аларм да провериме за што се работи. Листериозата како заболување не е пријавена во Македонија претходните години, а како изолат од храна регистрирана е кај три примероци минатата година и три примероци оваа година со тоа што годинава имаме пријавено и заболување, потенцира Костовска.

Листериозата е бактериско заболување кое најчесто се појавува по внесување на храна контаминирана со бактеријата листерија како што е месо, преработки од месо, непастеризирано млеко и млечни производи, недоволно измиено овошје и зеленчук, чадена риба итн. Листеријата се уништува со добра термичка обработка, со печена и варена храна (над 70 степени Целзиусови). Најчесто се регистрира меѓу постари лица со намален идентитет, бремени жени и новородени деца кај кои може да предизвика сериозни компликации како сепса, воспаление на мозочна обвивка (менинго енцефалит), воспаление на срцева обвивка (перикардит), воспаление на зголобови итн.

Министерството за здравство вчера соопшти дека Комисијата за заразни болести ја задолжила Агенцијата за храна и ветеринарство да изврши вонредни контроли во сите поголеми производствени погони за храна, магацини за чување и дистрибуција на храна со одземање мостри за анализа. Агенцијата е задолжена да изврши вонредни контроли на сите зелени пазари и притоа секој вид храна кој се чува во несоодветни услови да биде одземен. Државниот санитарен и здравствен инспекторат е задолжен да направи контрола над безбедноста на млекото наменето за доенчињата на одделенијата за неонаталогија и педијатриски одделенија со земање монстри за анализа. Во текот на вчерашнот ден се земени 10 мостри од млеко за доенчиња кои се доставени за анализа во Институтот за јавно здравје и Факултетот за ветеринарна медицина.

Од Комисијата за заразни болести препорачуваат дека е потребно поголемо внимание при подготовка и консумација на храна. Неопходно е темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна и почесто миење на рацете за време на подготовка на храната. Се препорачува храната да се користи веднаш по подготвувањето, а доколку не се употреби веднаш да се чува  на температура од 2 до 8 степени Целзиусови (во фрижидер) и при повторна употреба да се загрее на температура од над 70 степени Целзиусови. Од граѓаните се бара да не консумираат сирова или недоволно термички обработена храна посебно месо, преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца. Сировата и поготвената храна да се чуваат во фрижидер одделно во посебни заштитени садови со цел да се избегне можност за нејзино загадување. Подготвената храна да не се остава на собна температура подолго од еден час, а свежиот зеленчук, овошјето и салатите треба темелно да се измијат под силен млаз вода пред јадење, сецкање или готвење, велат од Министерството за здравство.

МИА

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1