Во своето издание од 28-ми Август 2014 год., со наслов „На Стефан ќе му судат дванаесет Епископи“, српскиот весник „Вечерње Новости“ ја анализира одлуката на Светиот Архиерејски Синод на СПЦ да покрене црковно-судска постапка против г. Стефан, поглавар на непризнаената МПЦ.
Во текстот се вели дека г. Стефан се товари за црковни престапи, за коишто му следуваат низа санкции.
Најтешката казна која може да биде изречена е расчинување или исклучување од црковната заедница. Доколку поглаварот на неканонската МПЦ биде расчинет или исклучен од Црквата, ќе биде трајно лишен од правото да преговара со Српската Патријаршија околу статусот на Црквата во Македонија. Првиот следен потег, којшто СПЦ ќе го повлече ќе биде подигнување на обвинение, како и формирање суд од најмалку 12 Епископи кои ќе ја одредат неговата вина. Според праксата на црковните судови, којашто се разликува од цивилните, доколку Стефан не се појави на судењето, ќе се смета дека ја признал вината и ќе биде осуден во отсуство.
„Долго се надевавме дека Стефан ќе се откаже од своето дејствување и ќе се врати во канонскиот поредок, но до денес тоа се нема случено“, вели владиката Марко. „Напротив, прогонот врз архиепископот Јован (Вранишкоски), тој го прошири и на свештеници и на верници на Охридската Архиепископија. Се надеваме дека покренувањето на судската постапка на вистински начин ќе влијае на него, но и на останатите македонски епископи, коишто се на страната на расколот“