Страницата „Вијести умета“, која безбедносните експерти ја поврзуваа со вехабистите во Босна и Херцеговина, не постои веќе на „Фејсбук“ откако беше забранета од управата на популарната социјална мрежа, пишува бањалучкиот весник „Независне новине“.
Станува збор за страница на која следбениците на радикалниот ислам најавуваа дека се спремаат за заминување на сириското боиште. Дека страницата е згасната потврдиле и авторите на веб-страницата, кои не ја кријат огорченоста поради тоа, а бившиот администратор на „Фејсбук“ за југоисточна Европа, Душко Бјелиќ, не е изненаден од одлуката на социјалната мрежа.
– Имав можност да ја погледнам таа страница. Содржините што таму се обавуваа беа спорни. С` што, да речеме, им штети на децата не треба да биде на „Фејсбук“ – укажува Бјелиќ.
Претседателката на парламентарната Заедничка комисија за одбрана и безбедност во БиХ, Душанка Мајкиќ, вели дека не ја гледала спорната страница, но истакнува дека во државата и понатаму се присутни веб-страници што претставуваат сериозен безбедносен предизвик и закана. Безбедносните експерти и претходно говореа дека освен згаснатата страница, закана за безбедноста претставуваат и страниците како „Путвјерника“, „Исламбосна“, „Балканскиемират“ и други.