На веб гласањето на граѓаните на Венеција и регионот Венето, 89 проценти од оние кои гласале се изјасниле за независност на покраината, во гласање кое нема никаква правна вредност, пренесува ХИНА.
Според податоците објавени вчера во Тревизо, во гласањето учествувале 2.360.235 лица или 73 проценти од регионалното гласачко тело. Виртуелниот референдум ги мобилизирал гласачите, а на службеното прогласување на резултатите се собрале неколку илјади луѓе во Тревизо, од кои многумина носеле знамиња на Серенисима.
“Да” заокружиле 2.102.969 лица, или 89 проценти, додека негативно се изјасниле 257.276 лица, или 11 проценти од гласачите, прецизирале организаторите на референдумот кои предлагаат отцепување на регионот од остатокот од Италија.
Резултатите од овој интернет референдум нема да имаат никакви правни ниту политички последици, но ќе послужат како повик за референдум за независност на Венето.
Претседателот на овој италијански регион, Лука Заиа, оценил дека Рим “од секогаш мислел дека е на чело на царството и Венето го смета за периферија од тоа царство”.
“Имаме чувство дека сме добри само за плаќање на данок”, изјавил Заиа, гувернер на покраината која годишно на Рим му плаќа 71 милијарда евра данок, 21 милијарда повеќе од тоа што го добива.
“85.000 жители на Венето се во криза и без работа и желбата за одвојување е се’ посилна. Револуции се раѓаат поради глад, а ние сме гладни. Венеција сега може да побегне”. завршил Лука Заиа.