Ракометарите на Вардар се нови европски шампиони-ова не е сон ова денес е реалност. Нашите ракометари вчеравечер во финалето во инфаркт завршница го совладаа ПСЖ со 24:23. Победничкиот гол го постигна Иван Чупиќ на само две секунди до крајот на мечот, но сепак ракометарите до шампионската титула не стигнаа сами, еден од најзаслужните е нивниот тренер Раул Гонзалес.
Раул Гонзалес важи за спортска икона, не само кај нас туку и во светски рамки. Скоро две години е на кормилото на најтрофејниот ракометен клуб Вардар кој заедно со него ги забележа своите најголеми успеси досега. Шпанецот, кого играчите го нарекуваат и ел команданте, по природа е тивок, трпелив и неизбувлив. Таков е и како татко. Сопругата Ана и ќерките Сузана и Ана веќе година и пол живеат со него во Скопје, а животот овде многу им се допаѓа затоа што, како што велат, се чувствуваат исто како дома, пишува Вечер на почетокот од годината.
Македонија е преубава земја, во Скопје живеам скоро две години и можам слободно да кажам дека се чувствувам исто како дома. Сопругата и децата дојдоа малку подоцна, но и тие веќе се навикнаа на животот овде. Тука сме послободни, можеме да излегуваме кога сакаме, во Шпанија не е така”, вели Гонзалес.
Постарата ќерка Ана има 13 години, додека, пак, помалата Сузана осум. Ана го добила името по својата мајка која, исто така, се вика Ана, а тоа е така затоа што традицијата во Шпанија налага децата да се крстат по имињата на своите родители, односно ако е машко по таткото, а ако е девојче по мајката. И двете се школуваат во гимназијата Нова, веќе имаат свои пријатели, а го изучуваат и македонскиот јазик, кој им оди малку потешко, но сепак се снаоѓаат и даваат се од себе за да го научат.
Aко сакаме да живееме во Македонија, мораме да го научиме македонскиот јазик. Сите одиме на курс и сме многу возбудени, не велам дека јазикот е лесен, но кога се сака се може да се научи”, додава Раул.
Поради многуте ангажмани кои ги има се труди она малку слободно време што му останува да го посвети на семејството. Неговата сопруга Ана, иако по професија е медицинско лице, во моментов не работи и токму таа е задолжена за воспитување и чување на ќерките.
Мојата работа е таква, цело време сум со обврски. Често патувам и не можам многу време да поминувам со ќерките. Сопругата е таа која се грижи за нив и максимално е посветена на нивното воспитување. Сепак, Ана и Сузана се мирни деца и немаме никакви проблеми со нив”, потенцираше тренерот на црвено-црната фурија.
Крушата под круша паѓа, но не и е во семејството Гонзалес. Ана и Сузана иако тренираат ракомет, не се големи фанови на овој спорт, но затоа на секој натпревар се на трибините од каде го бодрат тато и навиваат.
Сакаат да гледаат, но не и да играат. Тренираат и двете, но не се баш најдобри. Сепак, со работа и труд се постигнува се, треба само да бидат упорни и истрајни во желбата и намерата”, заврши Раул.