Видео: Брејвик доби 21 година затвор! Нема да се жали зашто доби пресуда каква што посакуваше


Судот во Осло го прогласи Андерс Брејвик за виновен осудувајќи го на 21 година затвор. Брејвик кој призна дека во нападот во јули минатата година уби 77 а рани повеќе од 240 луѓе, судот го прогласи дека за време на нападот тој бил пресметлив. Обвинетиот пресудата ја примил со насмевка на лицето, а при влезот во судницата упатил поздрав карактеристичен за екстремната десница.

Петчлениот судски совет бил едногласен во одлуката дека Брејвик бил пресметлив.

– Оваа пресуда секако дека ќе го израдува Брејвик кој се надевал дека ќе го избегне понижувањето судот да го прогласи за луд, пишуваат тамошните медиуми.

Иако Брејвик е осуден на максимална казна затвор од 21 година се предвидува дека сепак остатокот од животот ќе го помине зад решетки, бидејќи казната може да биде продолжена доколку судот процени дека тој и понатаму претставува опасност за општеството.

Масовниот убиец Брејвик нема да се жали на пресудата, бидејќи таа е всушност она што тој го посакувал, изјавил неговиот адвокат.

– Рече дека нема да се жали, сега кога е прогласен за кривично одговорен, изјави Гејр Липестад за медиумите кои го прашале за реакцијата на Брејвик во однос на пресудата.

Според законите во Норвешка, Брејвик ќе има право на жалба на секои пет години.

Тој инсистира на тоа дека е нормален, и одби да ја признае вината обидувајќи се да го оправда својот напад истакнувајќи дека бил неопходен нападот за да се запри „исламизацијата„ на Норвешка.

Брејвик себе си се гледа како „милитантен националист“. За време на судењето изјавил дека праќањето во ментална установа би било нешто најлошо што би можело да му се случи и ги обвинил властите во Норвешка дека се обидуваат да го прикажат како болен, со што би ги обезвредниле неговите политички ставови.

Предвидено е норвешкиот сериски убиец да ја издржува својата казна во специјално прилагоден затвор со исоко ниво на безбедност.

Обвинителството побарало Брејвик да биде прогласен за луд.

Безбедносните огради веќе биле поставени околу Окружниот суд во Осло пред да биде изречена пресудата на Брејвик.

Во судницата која била прилагодена за овој судски процес, стаклена преграда го одвојувала Брејвик од блиските на жртвите.

Медиумите го следеа и го пренесуваа судскиот процес за и другите членови на семејствата на жртвите да можат во живо да го следат судењето.

Судењето на Брејвик траело десет седмици и тој во ниту еден момент не покажа дека се кае. Тој ги обвини лабуристичките странки за промоција на мултикултурализмот и загрозување на идентитетот на Норвешка.

 

Tags: , , ,

Александар Петрески

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1