ВИДЕО: Груевски – Осумте херои кои загинаа спасија 8.000 луѓе од терористите


Вчера и денес Македонија има многу тешки денови. Јас лично ги имам моите два најтешки дена. Терористичка група од на 40  добро наоружани лица, илегално влезена во Македонија, сместена во една кумановската населба беше со намера да извршува крупни терористички напади врз државни и цивилни објекти, врз полициски станици, шопинг молови, спортски натпревари и слично, рече премиерот Груевски во своето обраќање.Screenshot_201

Вчера и утрово, во речиси непрекината 28 часовна борба, според кажувањата на стручните лица во министерството за внатрешни работи, команданти на единиците и лица кои биле активни и за време на борбените дејствија во 2001вата година, македонската полиција ја имаше досега најтешката, најсложената и најкомплицираната операција. Активноста која крајно професионално, одговорно и посветено ја раководеа професионалците во МВР, и во која македонската полиција составена од полицајци од сите етнички и верски заедници, изведе високо професионална, патриотска и херојска акција, успеа да ги неутрализира терористите кои планираа масовни убиства во Македонија, со цел нејзина дестабилизација. За жал, 8 полицајци ги загубија животите. Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓелович, Горан Стојменовиќ, Жарко Кузмановски и Ненад Серафимовски се имињата на загинатите бранители, и во оваа прилика, го изразувам моето длабоко сочуство до нивните семејства, колеги и пријатели. Загубивме 8 луѓе, кои заедно со нивните колеги, спречија убиства можеби на 8 илјади луѓе. Слава им.Нивниот патриотизам и херојство ќе биде пример и водилка на многу наредни генерации. Нивната жртва нема да се заборави.

Покрај убиените,  ранети и повредени се уште 37  други полицајци, кои најголем дел доцна синоќа ги посетив низ скопските болници и клиники.Најголем дел од нив се со полесни повреди и лекарите ме уверија дека тие многу брзо ќе се вратат кај своите семејства и блиски, како и на своите работни места.

Сакам и ним, како и на загинатите да им изразам јавно почит и благодарност. Исто така дозволете јавно да се заблагдарам и да честитам на сите припадници на полицијата кои вчера и денес учествуваа во оваа активност, која како што кажав професионалните лица со кои вчера имав комуникација ја отценија за најтешка, најкомплицирана и најсериозна операција на полициските сили на Република Македонија, досега. Активноста беше дотолку потешка, што покрај агресивноста на терористите, и исклучително тешкиот урбан и многу густо населен терен, како и опасноста да се повредат цивили,  ја направи ситуацијата потешка. Дозволете да ја потенцирам и мошне значајната подршка на  лекарите и целиот медицински персонал кој вчера и денес неуморно, пожтвовано и крајно професионално се вложија себеси да им помогнат на ранетите полицајци. Благодарност и до сите останати кои во овој период помогнаа на оваа полициска активност, како и до сите граѓани на Република Македонија  од сите етникуми и вери, кои и покрај големиот гнев и болка  ја задржаа присебноста и самоконтролата и не повлекоа чекори со кои дополнително ќе ја усложнеа и така крајно сложената состојба.

Во текот на вчерашниот ден имаше некои медиуми и поединци кои пуштаа многу шпекулации и невистини, а кај добар дел од нив имаше обид да се навлече гнев кај албанците во Македонија. Но, албанците во Македонија не наседнаа на овие провокаци а терористичката група не доби подршка од граѓаните албанци. До нив сакам да упатам една порака денес, а тоа е дека ова не е македонско албански судир, туку судир на лица кои не и сакаат добро на државата и нејзините граѓани, и на лица кои ја чуваат државата. Нивното дејствување носи само штета, како за македонците, така и за албанците во Македонија и во регионот.

На лицата чии домови беа вчера оштетени заради акцијата на полицијата, освен првичната хуманитарна помош, ќе им биде извшена финансиска надокнада по извшената проценка.

Околу 30 терористи приклештени од одлучната и професионална акција на полицијата по повеќечасовен отпор, безусловно се предадоа излегувајки со бели знамиња од нивните позиции каде беа утврдени. Истите се уапсени и ќе бидат изведени пред суд и ќе им се суди пред македонските судови. Засега се пронајдени тела на 14  лица за кои се претпоставува дека се припадници на терористичката група и на чие идетификување се работи, но увидот на терен сеуште не е целосно завршен.

Од првичните сознанија, запознаен сум дека значаен дел од групата се лицата кои неодамна го извршија терористичкиот напад на полицискиот објект кај Гошинце, и  првичните информации укажуваат и дека дел од лицата се учесници во неколку конфликти досега, делумно во овој регион, а делумно на блискиот исток, што укажува дека се лица со огромно искуство за герилско и терористичко војување, и се сметаат за најопасна терористичка група на балканот.

Нивната цел и мотиви ќе биде предмет на понатамошна истрага, а во тоа веруваме дека од голема помош ќе биде и големиот број предадени и уапсени лица. Едно е сигурно, дека барем една од намерите беше дестабилизација на Македонија.

Во оваа прилика, дозволете да истакнам дека во текот на борбите, постоеше беспрекорна координација меѓу државните институции. Во текот на денот беше извршена координација помеѓу раководствата на полицијата и армијата. Сите кои сме на одговорни позиции бевме во континуирана комуникација и координација.

Во оваа прилика дозволете да изразам благодарност до градоначалникот на Куманово, за пораките и активностите во текот на оваа операција. Апелирам до сите кои во вакви моменти ја напаѓаа опозицијата или власта заради дневно политичка конфронтација на оваа тема, барем за време на вакви операции и состојби да ги прекинат тие актиности, бидејки во такви моменти потребно е единство на државата.

Слушнав дека имало коментари и за неопходноста на акцијата или дали бил добро одбран нејзиниот тајминг. Неопходноста и тајмингот беа одредени по претходно добро прибрани информации и направени анализи, и секое понатамошно одлагање носеше нови ризици.

Денеска и утре владата ги прогласи за ден на жалост за загинатите 8 бранители, и јас ќе се воздржам од коментар за односот на некои политичари од земјата и од странство  и некои т.н. новинари. Да се коментира за професионалноста на учесниците и нивните старешени, без да се види како и под кои услови била изведена активноста, да се борат за политички поени на грбот на жртвите и ранетите, да се испраќаат заканувачки пораки заради дневно политички поени, е крајно кукавички чин. Но, тоа ќе го оставам за некоја друга прилика.

Благодарност до сите оние кои во овие тешки моменти понудија или пружија своја помош, до илјадниците граѓани кои во текот на вчерашниот ден до сите нас се понудија за помош со најдиректно нивно учество и превземање ризик.

Македонија има сила. Македонија има сила да продолжи да чекори напред и да напредува. Ваквите лица и настани нема да ја одвратат Македонија од нејзиниот зацртан пат кон стратешките цели на државата и на сите нејзини граѓани. На сите оние кои размислуваат да и нанесат зло на државата и на народот, им порачувам дека ќе завршат како оваа терористичка групација во 28-те часови борба.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1