Во знак на сеќавање на драгата пријателка на неговото семејство која починала во 2013, Лук Камерон си ветил дека во 2014 година секој ден ќе прави барем по едно добро дело.
Ова е Лук со Маура, пријателката на неговото семејство, која починала во 2013. За неа Лук вели дека била најдобрата жена што ја познавал, која секој ден на сите им помагала колку што може.
– Ако соседот беше гладен таа му го даваше последниот компир. Ако на пријател му требаа пари, таа ќе му ги дадеше последните – вели Лук.
Во нејзина чест, тој решил 365 дена во годината да прави добри дела.
Почнал со тоа што и честитал Нова Година на продавачката во маркетот, потоа им купувал сендвичи на бездомниците, ако некој немал доволно пари да плати паркинг или нешто друго – дополнувал, еднаш наполнил бензин на госпоѓата која чекала на бензинска зад него, плаќал за сендвичите на луѓето зад него во Мек Доналдс….
За своите добри дела годинава потрошил 3 000 фунти, иако не заработувал многу како помошник во продавница со скратено работно време.
– Во светот во кој само правиме селфи и објавуваме слики на Инстаграм од новата чанта или новиот Ролекс, забораваме да помислиме на кој било друг освен на себе. Мојата генерација заборави како да се грижи за другите, тие се преокупирани со себе и воопшто не им е грижа што им се случува на другите – вели Лук.
Секој гест го објавувал на својот сајт кој има стотици следбеници.
Многумина не разбирале зошто тоа го прави – мислеле дка очекува нешто за возврат.
– Мислам дека се излечив себеси со помагање на другите. Тоа ми ја смени перспективата, станав благодарен за се што имам.
Лук се пријавил на огласот за така наречената „најдобра работа во Британија“ и ја добил работата – Национален менаџер на филантропијата, и во 2015 ќе патува низ Велика Британија и ќе помага во работата на 45 хуманитарни организации.
Во продолжение погледнете како тој реализира едно од своите добри дела.