popustСтатистиката на Организацијата за заштита на потрошувачи покажува дека лани во декември имало 173 јавувања во Скопје со забелешки во однос на заштита на нивните права. Потрошувачите реагирале на несоодветно искажување на цената на производот што е на попуст, односно претставен во проценти или претставеното намалување не се однесувало на последната цена, туку на првичната цена на производот.

Од Организацијата истакнуваат дека трговецот мора физички да ги одвои производите што се на распродажба од оние кои не се. Мора видно и на јасно место да се истакне натпис дека производите се на распродажба или пак ако е со грешка. Правило е дека при попусти старата цена мора да биде јасно напишана и прецртана, а новата јасно видлива и читлива. Попустот треба да се пресмета на цената што трговецот ја користел во последните 30 дена.

Во последниот месец од годинава во трговијата и угостителството се бележи пораст на прометот, како резултат на празниците.  Лани во декември во внатрешната трговија регистриран е промет од 19.618 милиони денари, а во ноември 16.804 милиони денари. Иако е забележан зголемен промет, трговците, сепак, се жалат дека од година во година тој бележи пад.

Граѓаните купуваат подароци од новогодишни пакетчиња со кондиторски производи, до козметика, чанти, ремени и слично. Во 2011 година во декември вкупниот промет изнесувал 21.116 милиони денари, а во ноември 2011 година изнесувала 17.757 милиони денари.

Зголемен промет се бележи и кај угостителските објекти, така што статистиката покажува дека во ноември 2011 година тој бил 466 милиони денари, а во декември 515 милиони денари.

МИА