Три пријави за докажан причинител на заразна болест туларемија кај три лица се пристигнати во последните две недели заклучно со вчера до Центарот за контрола и превенција на заразни болести при Институтот за јавно здравје на Република Македонија, пренесува МИА.
Почетокот на симптомите кај првиот случај се бележи во средината на декември 2014 година, а последниот случај дава податоци за појава на првите симптоми пред два месеца.
Сите три заболени лица се од Скопје, но не е докажано постоење на епидемиолошка врска меѓу нив. Сите три лица се од различни делови на градот (населба Кисела Вода, село Арачиново и село Грушино), на различна возраст – 24, 26 и 72.
Според податоците на Институтот, епидемиолошките истражувања во однос на можните начини на заразување на заболените лица покажуваат дека заболените или имале контакт со глодари/нивни продукти или забележале зголемено присуство на глувци во нивната непосредна околина на живеење. Двајца од заболените пијат вода од локален водовод, а еден од нив користел и вода од локален водоснабдителен објект (бунар).
Надлежните епидемиолошки служби, посочуваат од ИЈЗ на РМ, ги преземаат сите потребни мерки и активности за спречување на појава на нови случаи, дел од нив во соработка со локалната самоуправа (информирање и здравствена едукација на населението, информирање на здравствените работници за актуелната ситуација, засилен надзор и контрола над водоснабдувањето, обезбедување исправна вода за пиење – редовно хлорирање и запазување на критериумите за постоење на заштитни зони околу изворот и каптажите на локните водоводи, спроведување редовна и континуирана дератизација, согласно претходно изработени планови и програми).
Туларемијата е акутна инфективна болест од која заболуваат и луѓето и животните, а е причинета од бактерија. Ова заболување припаѓа на групата природножаришни инфекции.
Станува збор за примарно заболување на голем број видови диви глодачи, кои се резервоар на ова заболување. Ги има над 100 во целиот свет, а од нив најзначајни се домашните и полските глувци, зајаците, стаорците, водените стаорци, вервериците, дабарот, ракунот, како и којотите, лисиците и многу други животни. Домашните животни поретко заболуваат, а природна инфекција е утврдена кај овци, мачки, кучиња и свињи.
Меѓу глодачите заболувањето се шири најчесто преку крлежите и вошките кои паразитираат на глодачите(поретко преку комарци, обади), како и преку загадени води и кал (инфицираните глодачи ги исфрлаат бактериите во надворешната средина преку мочта и фецесот).
Човекот може да се зарази од туларемија по сите познати епидемиолошки патишта на пренесување и доволен е директен контакт на кожата или слузницата со ткива или крв на заразени животни при дерење, сечење на месо, подготвување на јадења или само допирање.
Кај сите клинички форми, после инкубација од три до седум дена, почетокот на заболувањето е акутно, со појава на општ инфективен синдром: зголемена температура, треска, потење, интензивни главоболки, болки во целото тело и општа слабост. Болеста обично трае од 2 до 4 недели.