Доколку одите на одмор на некоја од грчките плажи бидете многу внимателни. Доколку купувате дребулии на плажите може да си платите и глоба од 300 евра, пренесе весникот Наше Новине.
Весникот се повикува на изјавата на еден брачен пар од Србија кои во Паралија избегнале плаќање на казна од 300 евра бидејќи купиле фустан за 10 евра од еден трговец кој продавал на плажата.
– Полицајците стигнаа за пет минути. Продавачот беше приведен, а нас не однесоа во полициска станица за да дадеме изјава, изјавила Нада Милојевиќ која не знаела за казните доколку некој нешто купи на плажите низ Грција, за Наше Новине.
Инаку, станува збор за акција на грчката полиција против сивата економија, а посебно против продавачите од Африка.
Стопанската комора на Пиреја и Здружението на хотелиерите на почетокот на сезоната делеле флаери на туристите на седум јазици на која пишувало: „Должни сме да ве информираме дека илегалното купување е противзаконско. Купувачите за тоа дело ќе бидат виновни и гонети и парично казнувани“.
Овие ригорозни казни за илегална трговија во Грција се применувале строго на островите и летувалиштата на Халкидики.