Најбарани професии во странство во 2014 година биле програмер, медицинска сестра, кувар, негователи и хотелски персонал, покажуваат регионалните огласници за вработување.
Речиси три четвртини од огласите за работа во странство објавени минатата година на балканските сајтови за вработување, се однесувале на земјите на Европската унија со 71 отсто, а најмногу за Германија. Надвор од ЕУ, повеќето огласи биле за САД и Русија.
Во 2014 година, од вкупниот број на објавени огласи за работа во странство, во дури 73% понудена е работа за постојан работен однос. Работници за работа на одредено време барале 40 отсто, а хонорарно само еден отсто.
Во половината огласи (52%), условот бил работно искуство на истите или слични позиции, при што во просек се барале 3,5 години стаж, што е повеќе, отколку инаку бараат работодавците (во 2014 искуство се барало во 47% од огласите и тоа просечно две години и 9 месеци искуство).
Во текот на минатата година во најголемиот број огласи за работа во странство не било важно образованието (35%). Кандидатите со високо образование биле барани во 31 отсто од огласите, како и ист процент на кандидати со средно образование. Во 17% од огласите била барана виша стручна подготовка.
Во 78% од огласите се барало познавање на странски јазик, што е намалување од 3% во однос на 2013 година. Во 2014 година напредно, односно професиопнално познавање на англиски јазик било услов во 61 отсто од огласите, додека напредно познавање на германски јазик се барало во 21%, а основно познавање во 11% од огласите.