Во учебникот по предметот запознавање на околината за второ одделение, на децата на возраст од седум години им се даваат инструкции како да го задржат воздухот, за да видат колку долго можат да издржат без кислород
“Затвори ја устата и затни го носот. Изброј колку време можеш да издржиш без воздух “, е експериментот кој им се препорачува на второодделенците во учебникот по запознавање на околината, за да го откријат значењето на воздухот за животната средина.
И додека во соседна Србија од почетокот на годинава стапи во сила законот за заштита на животната средина, со кој се забранува убивање на мравки, бубамари и глувци, за што е предвидена казна до десет илјади евра или три години затвор, во истата лекција во нашиот учебник од децата се бара да затворат инсекти во тегла и да проверат по колку време ќе умрат без воздух.
Авторите на учебникот Драга Дамчевска и Билјана Живковиќ им дале живописни инструкции на учениците како најдобро да го осознаат значењето на воздухот. На страница 68 од учебникот стои: “Затвори ја устата и затни го носот. Изброј колку време можеш да издржиш без воздух.
Земи една тегла и во неа собери неколку инсекти, теглата затвори ја со капак и нека постои неколку минути, отвори го капакот и провери дали инсектите се живи”.
На сликите се нацртани две тегли, едната тегла има капак со отвори и внатре се гледаат живи бубамара, пеперутка и неколку мравки. Другата тегла, пак, е затворена и инсектите внатре се мртви.
Во Министерството за образование и наука велат дека учебникот е предмет на ревидирање, како дел од големата акција за проверка на сите учебници кои се вклучени во наставата.
“И на овој учебник, како и на уште 200 други се прави суперрецензија. Во рамките на Министерството за образование, формирани се комисии кои ги ревидираат сите учебници. Проверката треба да заврши наредната недела. Доколу рецензентите оценат дека некои делови од учебниците треба да се сменат или, пак, да се повлечат во целост, тогаш Министерството ќе постапи по забелешките”, вели Горан Галевски, портпарол во Министерството за образование и наука.
Вест.мк