Во неколку украински градови, вклучувајќи ја и престолнината на Крим, Симферопољ, денеска се оддржуваат митинзи против новата украинска власт, пренесоа светските агенции.
Горниот дом на рускиот парламент го прифати барањето на претседателот Владимир Путин за испраќање воени трупи на територијата на Украина. Кличко бара „национална мобилизација“ поради руската агресија.
Сенатот на Русија бара од Путин да го повлече амбасадорот од Вашинготн поради дрскиот говор на Обама и неговата администрација против Русија, кој за нив е рамно на закана кон Русија.
Во Доњецк, над зградата на обласната управа, беше кренато руското знаме, соопшти ИТАР-ТАСС. Француските медиуми,пак, наведуваат дека во демонстрациите учествуваат над 10.000 лица, кои скандираат „Русија!“, а од импровизираната бина говорниците изјавуваат дека го поддржуваат стремежот на Крим повторно да се приклучи кон Русија.
Во Харков „за заштита на градот и на целиот југоисток на Украина“ демонстрираат околу 5.000 лица. Градоначалникот на Харков, Генадиј Кернес, повика да не се создава тензија и посочи дека градот не се стреми кон сепаратизам, туку сака новата власт во Киев да се сообрази со мислењето на југоисточниот дел на земјата. Митингот минува во мирна атмосфера.
Во Симферопољ околу 150 лица се собраа на плоштадот „Ленин“, пред зградата на Владата, каде има заседание на кабинетот. Тие скандираат „Русија!“ и развиорија и руски знамиња.
Во Севастопољ, каде е базата на руската Црноморска флота, исто така, се подготвува голем проруски митинг. На плоштадот „Нахимов“ веќе се собрани над 2.000 лица, од кои многумина со руски знамиња во рацете. Во исто време во други делови на градот се формираат единици за самоодбрана, кои тврдат дека се загрижени од пристигнувањето на провокатори од западните делови на Украина.