По објавата за немилиот настан кој вчеравечер се случи во скопската населба Аеродром, со ротвајлерот кој искаса деца, се јавија од здружението за заштита на животни „Анима мунди“. Тие велат дека расното куче имало сопственик и било пуштено слободно да шета, нападнало и гризнало повеќе луѓе во населба Аеродром. Претходно, полицијата соопшти дека кучето искасало две жени на возраст од 40-тина години и четири деца на возраст од 10 до 14 години, на просторот меѓу булеварите „Јане Сандански“ и АСНОМ.
„Нападите се случиле од расно куче кое е непознато на локалното население и на активистите за заштита на животните од тој реон, кое некој го пуштил и се обидуваме да го лоцираме, го бараме. Во тој дел живеат бездомни кучиња кои се сите стерилизирани – вакцинирани – обележани и за кои локалните жители и наши активисти се грижат, кои се миленици на децата кои живеат таму“, велат од „Анима Мунди“.
Анима никаде не појаснуваат дека знаат кој е сопственикот на ротвајлерот, ниту кажуваат од каде се сигурни дека кучето има сопственик.
Понатака во соопштението тие велат дека вината за овој настан треба да се лоцира во неодговорните сопственици, односно во оние кои кучето го воспитале/научиле да напаѓа и кои го пуштиле слободно да шета и на тој начин ја изложиле јавноста на опасност. Токму затоа од здружението бараат овие лица итно да одговараат.
„Неодговорното сопствеништво е причинител број 1 за постоење на бездомните кучиња на улица, испуштените од контрола и неодговорно чуваните кучиња се оние кои се недоволно социјализирани и оние кои главно напаѓаат, за што говорат и податоците во Инфективната болница и искуствата со кои се соочуваме на терен“, стои во соопштението на „Анима Мунди“.