Министерството за здравство им укажа на здравствените установи веднаш да пријават појава на било какво заразно заболување и да информираат доколку има потреба од терапија за евентуално заболено лице.
Во Министерството за здравството се одржа состанок на кризниот штаб . Будно се следи состојбата во сите загрозени подрачја. Во секоја здравствена установа веќе има тим од дежурни доктори и медицински сестри, а на руралните доктори им е дадена насока да бидат целосно подготвени да одговорат на здравствените проблеми кај граѓаните.
Од Министерството информираат дека во Кичево поради проблеми со струјата не функционира телефонската линија на итната медицинска помош, но веднаш е овозможено пренасочување на повиците кон другите телефонски броеви од дежурната служба.
Министерството и комисијата за заразни болести веднаш излезе со препораки за спречување од појава на заразни болести од поплавите меѓу кои да се врши секојдневна контрола на водата за пиење, а во училиштата и градинките да се спроведат мерки за засилено одржување на хигиената и дезинфекција на санитарните јазли и просториите.