Денеска започнува со работа концептот „One Stop Shop“ на граничниот премин Табановце – Прешево. Со него Македонија и Србија стартуваат заедничка гранично-царинска контрола при што во двете држави ќе се влегува и излегува со само едно запирање.
Граѓаните отсега ќе минуваат само со едно застанување на граничниот премин Табановце – Прешево на македонско-српската граница, наместо еднаш на македонска, еднаш на српска страна како досега. Премиерите на двете земји, Зоран Заев и Ана Брнабиќ на свеченоста на меѓуграничниот простор порачаа дека двете држави со новината го забрзуваат протокот на патници и стока и го намалуваат времето на чекање за двојно. За излез од Македонија, пасошката контрола и царинската управа од денеска ќе се спроведуваат на српската страна од границата, а македонските полицајци и цариници ќе се преселат во објектот на српските колеги. За влез од Србија во Македонија, пак, ќе се користат објектите од македонска страна на границата.
Премиерот Зоран Заев рече дека проектот за заедничко управување со граничниот премин Табановце – Прешево, со едно застанување значително ќе придонесе кон развивањето на регионалната економска соработка.
„Според нашите проекции и анализи очекуваме дека со One-stop-shop и со дигитализацијата на царинските услуги, превозниците и извозниците ќе имаат заштеда од околу 8 милиони евра, извозот добива потенцијал да порасне за 4 проценти, надворешно-трговската размена може да порасне за околу 5 отсто, а бројот на туристи да се зголеми за 8 проценти “, рече Заев.
Премиерот рече дека преку Табановце во 2018 година поминале околу 200 илјади камиони што претставува околу една четвртина од вкупниот промет на товарни возила во 2018 година. Се очекува овој број да биде зголемен за околу 30 отсто и оваа година да биде околу 260 илјади камиони.
Српската премиерка Ана Брнабиќ вели дека ги разбира потребите на луѓето од двете држави да патуваат послободно, но додава дека и е јасно оти досега стопанството се соочуваше со големи трошоши и проблеми заради бавните, неефикасни и прекумерно административни гранични премини.