Заев: На уставните измени ќе се работи по завршување на референдумот


Уставните измени што треба да се случат за премиерот Зоран Заев се многу логични и ќе бидат објавени од страна на собраниските комисии што ќе работат на нив по завршување на референдумот и објавување на резултатите.

– Промените ќе се направат во преамбулата, членовите 3 и 49. Во преамбулата ќе има само зајакнување на одлуките на АСНОМ за слобода, демократија, еднаквост помеѓу граѓаните, бидејќи од АСНОМ е борбата за ослободување на сите граѓани од тогашниот фашистички окупатор. Во делот на член 49 каде што се однесува за дијаспората, ќе го примениме она што е европско. Знаете дека Македонија има дијаспора на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и кај нас е подлабински навлезено и може да предизивика во иднина иредентизам, односно одредени провокации, но секако ќе го преадаптираме како што стои во земјите членки на ЕУ и како тоа државата ќе води грижа за својата дијаспора, изјави премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарски прашања при денешната посета на Липково.

Промената, додаде, ќе биде и таму каде што е Република Македонија, ќe стои Република Северна Македонија, а секаде каде што е македонско останува македонско и каде што стојат Македонци, Албанци, Турци, Роми останува.

– Многу се логични самите уставни промени што ќе се случат. Верувам дека презентацијата ќе биде штом ќе бидат готови официјалните државни комисии кои што би работеле на уставните промени. Не може да се иницира правно формално ваква постапка заради тоа што тоа би значело прејудицирање на волјата на граѓаните. Јас сакав уште сега ако може да се презентираат, да видат граѓаните како тоа изгледа, но со сето тоа ќе се прави непријатно влијание врз граѓаните, а граѓаните треба навистина слободно да одлучат во овој период, изјави премиерот.

Штом ќе биде завршен референдумот, по објавувањето на резултатите, појасни, самите собраниски комисии што ќе работат на уставните измени ќе ги објават уставните амандмани. Тој додаде дека првин ќе се гласа со двотретинско мнозинство, по што ќе има дебата 30 дена, потоа гласање со просто мнозинство, па следува уште една дебата и завршува со двотретинско гласање.

– Период од 106 дена според пресметките што сме ги направиле. Тоа е тој процес што очекуваме да се случи во Македонија и на крајот гласањето во грчкиот Параламент, кое што за мене преставува извесна работа, гарантирана од страна на Грција и на крајот импелментација на пријателството кое е создадено, изјави премиерот.

Одговарајќи на новинарско прашање што очекува по поднесената иницијатива за уставноста на референдумот, Заев истакна дека нема дилеми за овој процес, кој го почна Собранието, но оти Уставниот суд е најмеродавен.

– Немам дилеми за уставноста на процесот кој што Собранието го почна. Секако Уставниот суд е најмеродавен да ги каже своите коментари. Не сакаме да влијаеме, но ние во моментот живееме користејќи ја најголемата демократска алатка во сите демократски земји, а тоа е референдумот каде граѓаните со право на глас се изјаснуваат. Секако после позитивен референдум јас очекувам да почнат и други постапки така што не треба да бидете посебно и правник за да знаете дека постапките се многу логични, нормални реални, уставни, изјави премиерот.

Одговарајќи на прашање дали побарал оставка од градоначалникот на Демир Хисар за видеото кое излезе во јавноста, Заев одговори дека МВР спроведува истрага и дека градоначалникот бил на трибината во првиот ред.

– Не беше во делот на тие што имаа обраќање, мислам дека така е чесно додека трае истрагата на МВР, тој беше повикан на разговор, кој е направен, понатаму се истражува, но она што можам да го гарантирам на граѓаните на Р.Македонија е никогаш повеќе нелегално прислушување во Македонија, изјави Заев.

Верува, дека кои и да биле причините за кои што, градоначалникот зборувал пред колеги, наставници во училиштето било негов личен порив.

– Секако јас ќе останам да ги дочекам истрагите од МВР кои што ги прават, изјави премиерот Заев.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1