Поради опасноста дека, оставката на директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова, ќе резултира со тешки последици по примарното и приватното здравство, од Здружението на приватни лекари на Македонија денеска побараа директорката да ја повлече дадената оставка. Претседателката на Здружението, Лидија Чолакова Дервишова,изјави дека Парнарџиева-Змејкова и нејзиниот тим го почитувале ресорот на примарното здравство и кажале дека матичните лекари се столбот на здравствениот систем.
– Како приватен сектор побаравме централна база на податоци, директорката Маја Парнарџиева Змејкова и нејзиниот тим тоа го направија реалност. Побаравме електронски пријави и одјави и тоа функционира, побаравме намалување на цените на лековите со цел да бидат подостапни за пациентите и тоа се направи, побаравме режимот на лекови да се промени и тоа се направи. Заедно го правевме критериумот за новите боледувања, ги направивме упатувањата и новиот начин којшто постои од ред две-три години. Македонија и премиерот и Владата не смеат да дозволат луѓето коишто придонесуваат и имаат капацитет да ги изработат работите, да си поднесуваат оставки и да бидат жртви за нешто што не го направиле – истакна Чолакова-Дервишова.