Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска напладне ќе го објави почетокот на ревизијата на проектот „Скопје 2014“, информираат од неговиот кабинет, пишува плус инфо.
Жерновски веднаш откако седна на градоначалничката фотеља најави дека ревизори ќе ги чешлат милионските договри за споменици кои ги склучила општината кога со неа раководеше неговиот претходник од ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ.
Првата одлука на градоначалникот на Центар, Жерновски, откако стапи на функција беше мораториум на сите објекти од владиниот проект „Скопје 2014“ што во моментов се градат во општината Центар. Градоначалникот тогаш потпиша документ со кој се запираат сите активности поврзани со проектот.
Минатата недела на првата седница на Советот на општината Жерновски тврдеше дека за два месеци општина Центар го потрошила буџетот за цела година. Според него, за двете катни гаражи општина Центар зела кредит од 5, 5 милиони евра кој ќе доспее за плаќање во јули, а долгот за греење кон градинките и училиштата изнесува 400 илјади евра.
Plusinfo.mk