Переа не е многу познато место меѓу нашите граѓани. Од центарот на Солун дотаму има дваесетина километри по широк и отворен пат што се поминува за околу 15 минути со автомобил.
Што е толку интересно за Переа? Ова е едно од местата во предградието на Солун што се нов хит меѓу Македонците за купување евтини станови покрај море, тоа го тврдат посредниците во трговијата со недвижности. Со малку среќа може да се купи стан и за 300 евра за квадрат. Нова Македонија заминала со своја екипа во Солунско да побара стан.
Ова не е туристичко место, ретко има соби за издавање, но затоа насекаде може да се видат натписи „полетаи“ (во превод – се продава) и телефонски броеви.
Евтино да се купи, скапо да се гради
– Цените на станбениот квадрат никогаш не биле олку ниски во последниве децении. Поевтино отсега било само во времето на германската окупација во Втората светска војна, за кога се вели дека можело да се добие стан во замена за две канти масло за јадење – раскажува еден солунски адвокат што посредува во купопродажбите на имотите.
— Денес во Грција градењето нова куќа би ве чинело околу 2.500 евра за квадрат. Тоа е за да го купите земјиштето, да набавите материјали и да платите градежници за да ви ја изградат. Наместо тоа, можете да купите стан стар десетина години, значи во солидна состојба, за околу 700 евра за квадрат – нѐ советуваше агентот.
Неодамна една скопјанка купи два стана од по 35 квадратни метри во Переа за 24 илјади евра. А даночната основица им беше пресметана на 48 илјади евра! На луѓето им беше итно да ги продадат, па ѝ ги дадоа за двојно помалку пари од процената. Може да се начекаат и такви ситуации, но треба да се има среќа, тоа е како на лотарија – додаде адвокатот.
Еден агент за недвижности даде неколку понуди. Станови од 40 до 50 квадрати по цени од 28.000 до 35.000 евра.
– Станот што сте го виделе има 96 квадратни метри и го продавам за 110.000 евра. Ако ви е скапо, можам да ви дадам еден од 51 квадрат за 28.000 евра, но во зграда стара 30 години – ни рече еден од нив.
Новите градби држат цена, еден продаваше три ката од по 99 квадрати, најнискиот за 119.000 евра, а повисоките поскапо. Но најдовме еден со салон, спална соба и кујна за само 18.000 евра, во постар и напуштен објект. За жал, сопственикот не знаеше англиски, не можевме да се разбереме. Следниот знаеше, и исто така имаше добра цена.
– Станот има 100 квадрати и го продаваме за 50.000 евра. Иако не е нов, во многу добра состојба е. Веќе немаме пари да го одржуваме, сакаме да го продадеме додека сѐ уште има колку-толку добра цена – ни објасни овој сопственик.
Рокот на употреба на градбите е 40-50 години. Затоа во постари згради може да најдете евтини станови, но потоа би ви требале многу пари за да ги реновирате и да ги одржувате. Особено што тие згради не се градени со современите изолациски материјали како поновите, за кои веруваме дека ќе имаат и подолг век – вели еден сопственик на хотел на крајбрежјето од Переа.
Плаќање кеш само до крајот на годинатаСѐ на сѐ, од една страна Переа е хит за купувачите од Македонија и од Грција затоа што е меѓу најевтините места во овој дел од Грција, но од друга страна местото по скопски може да се опише како – тапа. Сепак, за евтини пари може да се купи стан во место од кое до Солун се стигнува со редовна автобуска линија за само 0,8 евра (50 денари) во еден правец, а познатите туристички дестинации на Халкидики почнуваат на 50-60 километри појужно, ако воопшто има потреба, зашто и таму има сосема солидна плажа. Шопинг-дестинациите, пак, се само десет километри на север.
Мадонските граѓани можат слободно да купуваат недвижности во Грција од 2011 година, само треба да ги покажат пасошот и ливчето во кое грчките погранични служби ставаат печати. Грчките агенции за недвижности велат дека во изминативе две години интересот е голем, но цените, иако паѓаат, сѐ уште се повисоки од Македонија, особено на атрактивните локации, па тоа влијае обесхрабрувачки.
Адвокатот што го консултиравме ни откри уште една околност – вели дека тие што имаат намера да инвестираат во недвижности во Грција, подобро е да го сторат тоа до крајот на годинава, бидејќи ќе можат да платат во готово. Потоа во сила ќе стапат закони за проверка на парите, па сѐ ќе мора да се изврши преку банка, а за нашите граѓани, како што објаснува, може да биде многу тешко и сложено да отворат банкарска сметка и да обезбедат документи што грчката држава ќе ги признае, а со кои ќе се потврди дека парите што ги имаат се законски заработени.
Гоце Трпковски- Нова Македонија