„Жолтите елеци“ ја освојуваат Европа


Во последниот месец медиумите се преокупирани со протестите на „жолтите елеци“ во Франција. Се започна на 17 ноември како протест организиран преку социјалните мрежи против најавата за поскапување на горивата, кој потоа постепено предизвика голема политичка криза за Владата на Макрон.

Народот е револтиран од сè понискиот животен стандард, укинувањето на данок за богатите од страна на Макрон, а сега се открива дека парите од зголемните такси на горивата требало да ги покријат буџетските дупки предизвикани од укинувањето на овој данок. Поради сето тоа, народот излезе на улица.

Демонстрантите, кои на себе, како знак на распознавање, носат „жолти елеци“, задолжителни за секој возач, изворно доаѓаат од руралните подрачја. Бидејќи живеат далеку од градовите, тие треба да патуваат до 100 километри за да дојдат на работа.

Најголема улога во организација на протестот одиграа социјалните мрежи, поточно Фејсбук. Дури 67 отсто од граѓаните на Франција користат Фејсбук, а 22 милиони луѓе секој ден се вклучуваат на таа социјална мрежа.Човекот кој го започна трендот на носење на жолти елеци е Гислан Кутар, 36-годишен механичар, кој сними видео и ги повика луѓето на протест. Неговото видео има пет милиони прегледи, пренесува Си-Ен-Ен.

Францускиот претседател Емануел Макрон во обид да го смири гневот на „жолтите елеци“ чии често насилни протести го доведоа во прашање неговиот авторитет, најави зголемување на минималната плата и намалување на даноците за пензионерите.

Протести на „жолтите елеци“ се појавија во неколку држави. Освен во Франција, протести беа организирани или најавени во Шведска, Белгија, Црна Гора, Холандија и Германија.

Протестите во Брисел, резултираа со апсење на стотици лица, а околу 500 демонстранти маршираа кон европските институции каде ги пречека полициски кордон. Во близина на службената резиденција на премиерот, тие ја гаѓаа полицијата со камења.

Саботните протести во Стокхолм, беа протести против договорот за миграција на ОН. Протести, исто така, се одржаа и во Гетеборг, Малме и неколку други градови во Шведска.

Во неделата вечерта се протестираше и во Црна Гора во Подгорица, на протестот организиран од опозицискиот просрпски Демократски фронт (ДФ), по повод апсењето на неговите лидери Небојша Медојевиќ и Милан Кнежевиќ.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1