Здружението на новинари на Македонија најостро го осудува денешниот инцидент во Собранието каде на насилен начин новинарите беа исфрлени од галеријата од каде ги следат пленарните седници, изјави вечерва претседателот Насер Селмани
– Со тоа грубо е прекршен Уставот кој ја гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите , рече Селмани.
ЗНМ ќе ги искористи сите правни механизми да ја заштити слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Исто така ЗНМ ќе ја алармира целата домашна и странска јавност за случувањата во Собранието.
Здружението на новинари на денешната итна седница одлучи да ги прекине разговорите со Владата, во знак на протест што новинарите беа исфрлени од Собранието и спречени да информираат додека пратениците внатре го гласаа Буџетот за 2013-та година.
“Разговорите се прекинати сè додека не се врати уставниот поредок во земјата и извршителите и наредбодавачите на срамното однесување и исфрлување на новинарите од Парламентот, не бидат откриени и казнети согласно законот” стои во соопштението на ЗНМ.