Зошто толку променливо време оваа сезона?


Врнежлива пролет и нестабилно лето со обилни дождови-временски прилики на какви што граѓаните на ова поднебје не се навикнати. Изминативе месеци, Македонија беше зафатена од променливо време несвојствено за пролетниот и летниот период. Силни бури во неколку наврати го зафатија скопскиот реон.

promenlivo500Но, Македонија не е единствената која ги почувствува овие сезонски промени на временските услови. БиХ, Србија, и Бугарија  беа соочени со масивни поплави. Во Хрватска, над островите во северен Јадран и Задар, беснееја силни морски бури со поплави и појава на торнадо. Освен на Балканот, промените на времето и климата ги загрижи луѓето и во другите делови од Земјината топка. Појава на топли бранови, суши и пожари во Австралија, тајфунот Хајан над Филипините, поплави во Индонезија, зимски бури и поплави во Велика Британија.

Многумина почнаа да се прашуваат на што се должи ваквата промена на времето.

др. Владо Спиридонов, професор по метеорологија на ПМФ  заедно со  реномираниот професор Млаѓен Ќуриќ од Физичкиот факултет од Белград, преку научна студија се обидоа да дадат одговор за некои од причините и факторите кои влијаеа за ваквата манифестација на времето во регионот во оваа сезона.

Главни фактори

Општата атмосферска циркулација, екстремно студениот бран измината зима во САД и Канада, сезонско враќање на западните ветрови-иницирање на т.н. Европски монсун, т.е. карактеристичен модел на атмосферска циркулација над Атлантикот и Европскиот континент, се главните причини за променливиот карактер на времето и неповолните временски влијанија во нашиот регион, велат  професорите.

promenlivo-vreme500– Какво ќе биде времето и климата над одредена област, во голема мера зависи од глобалната атмосферска и океанска циркулација и распоредот и влијанието на воздушните маси. Основен двигател на процесите во атмосферата е Сонцето.

Оваа сезона распоредот на воздушните маси беше таков што поголемиот дел од европскиот континент се наоѓаше под влијание на поларната воздушна маса.

Дополнително во текот на летните месеци се намали влијанието на суптропскиот појас на висок воздушен притисок кој вообичаено, кај нас во текот на летните месеци носи стабилно, суво и топло време, а понекогаш и многу топло-тропско време, вели Спиридонов.

Оваа зима поларната млазна струја ослабна и се помести на југ преку Северна Америка во пресрет на системот со низок притисок кој го напушташе Американскиот континент преку Атлантикот. Ова овозможи резервоарот со  Арктички ладен воздух да се поместува кон југ преку САД, што доведе до екстремно ниски температури и појава на Сибирски студ. Всушност, студеното време во САД ја зајакна ослабената млазна струја и донесе поблаго и повлажно време на Европскиот континент, како што веќе видовме во текот на зимата и раната пролет, објаснува професорот.

globalno-zatopluvanje500Во април и мај, европскиот континент се загрева многу брзо. Во исто време, површината на северниот дел на Атланскиот Океан се загрева многу побавно. Оттаму температурната разлика помеѓу континентот и Атланскиот океан се зголемува, како и разликата во температурата на воздушните маси над континентот и океанот.

– Оваа температурна разлика условува разлика во воздушниот притисок кој во тоа време во просек е поголем над северниот Атлантик отколку над Европа. Поради тоа доаѓа до засилени продори на посвежи и повлажни воздушни маси од Атлантикот на европскиот континент, кои носат освежување и зголемени врнежи. Дополнително, оваа сезона поради влијанието на поларниот центар со екстремно ниски температури во САД, Канада и Северо Атланскиот Океан во текот на зимскиот период, овој температурен контраст оваа сезона беше поизразен. Тоа придонесе за создавање на зонален термички градиент во средните географски ширини. Овој градиент иницира циркулација во поголеми размери во регионот и создава специфични термодинамички и климатски услови кои наликуваат на т.н. Европски монсун, објаснуваат професорите.

varijabilnost500Професорите во студијата обајснуваат дека климата се менува во текот на сезоните и годините, наместо ден за ден како што е случај кај времето.

– Некои лета, како на пример тековното, се посвежи и поврнежливи од другите. И покрај тоа што луѓето се повеќе ја перцепираат климатската варијабилност, таа не е толку забележлива како временските промени, затоа што се случува сезонски и во текот на годините, велат професорите.

– Компјутерските симулации и климатските прогнози од Националниот Атмосферски Океанографски Центар на САД (НОАА) упатуваат дека феноменот Ел Нињо се предвидува да настапи во периодот јуни-август и да продолжи во почетокот на 2015, без шанса за појава на изразено загревање и поголемо  влијание на временските системи и прилики кај нас. Но, сепак, експертите очекуваат дека извесно влијание над европскиот континент би можело да се почувствува во текот на зимскиот период условувајки постудени-суви услови во северните делови од континентот и релативно повлажни, благи услови во текот на зима во јужните делови од Европа и Медитеранот, велат професорите.

– Поради сложените интеракции на многу фактори од кои зависи климата ние не можеме за сега со сигурност да кажеме ниту каква ќе биде во блиска или подалечна иднина. За утврдувањето на овие влијанија неопходни се покомплексни истражувања и податоци за што ќе оставиме простор во друг прилог, вели професорот Спиридонов.

Ирена Радовановиќ за МИА

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1