Охрид за Водици – Еве што се ќе се случува


Со целовечерен концерт на сите културно-уметнички друштва од градот вечерва во Охрид започнува официјалната програма по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.

Организацијата е од страна на општинската власт и Здруженето за афирмација на МПЦ „Богојавление“.

Ансамблите „Гердан“, „Илинден“, „Охриѓанка“, „Плетенка“, „Филиграни“ и „Отекс“ ќе имаат свои настапи пред публиката во Центарот за култура во Охрид. Влезот на концертот е слободен, додека пред влезните врати ќе има пунктови за донации на средства наменети за хуманитарни цели.vodici krst

Празнувањата на Богојавленските празници продолжуваат утре напладне со свечена литургија во црквата „Свети Никола – Геракомија“, каде традиционално се одржува и чинот на примопредавањето на кумството за Водици 2015 на бизнисменот од Кичево Зоран Милевски и балканската музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ. Вечерта во 20 часот на Градскиот плоштад  концерт ќе одржи  Каролина Гочева.

Во недела во Куќата на Уранија  ќе биде доделена  светска награда за хуманизам  на Џон Ралстон Сол, по што во 20 часот во Центарот за култура “Григор Прличев” е проекцијата  на документарниот филм за Водици.

Од Здружението за целосна афирмација на МПЦ „Богојавление“ што повеќе од деценија е организатор на манифестацијата и оваа година очекуваат масовност на настанот потврдена со големиот број пријавени капачи, но и најавени гости што ќе дојдат да ја проследат манифестацијата.

Прославувањето на големиот верски празник Свети Јован Крстител, на самиот ден на празникот 19 јануари, почнува рано изутрината со богослужби во сите парохиски цркви во Охрид и Дебарско-кичевската епархија. Во 9 часот Централната црковно-народна манифестација се префрла на Градското пристаниште во Охрид, каде ќе се одржи и главниот настан – фрлањето на Светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро. И оваа година предвидено е да биде спроведено и масовно крштевање во осветените води на езерото, во 14 часот кај месноста Сараиште.

На штандови во центарот на градот за посетителите бесплатно ќе се служи вино, топла ракија, пача, пржени плашици.

За што поголема посетеност на Охрид за празниците, хотелите на охридската ривиера нудат промотивни цени за сместување, а угостителските објекти и до 30 отсто попуст на услугите.

Традиционално прославувањето на празникот Богојавление ќе биде заокружено со Денот на рибарите, кога во минатото се означувал крајот на мрестот на пастрмката и стартот на нејзиниот излов. Години наназад на 20 јануари рибарите се капат во езерото и натпреваруваат кој прв ќе доплива до бурињата со вино што организаторите ги фрлаат во осветените езерски води.

И оваа година манифестацијата ќе биде збогатена со програма, во чии рамки ќе се готви рибна чорба чија изработка ќе ја спонзорира ресторанот „Тино“, а ќе ја приготвуваат наставници и ученици на Средното угостителско-туристичко училиште „Ванчо Питошески“. Чорбата ќе се приготвува во голем казан од 2,5 тони, а специјалитетот ќе биде наменет за сите посетители присатни на манифестацијата. Покрај богатата музичка програма и оваа година ќе биде претставен и риболовен алат и фотографии од рибарското минато на градот.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1