Отсега внимавајте што ќе постирате на социјалните мрежи. Во Македонија паднаа првите пресуди за заканувачки пораки, пренесува Дневник.
Судиката на Основниот Суд во Велес, Тања Милевска, прати силна порака до илјадниците корисници на интернет дека не можат истиот да го користат за заканувачки и навредливи пораки.
Ова дојде откако судиката му изрече условна казна од 100 евра, на лицето Игор К. доколку во следните две години го повтори делото. Игор К. член на Организациониот одбор, „Рацинови средби“, својот фејсбук го користел за испраќање на заканувачки и навредувачки пораки. Тој на 13 јуни 2010 година, незадоволен од текст на еден новинар, почнал да го навредува. Пријателите на авторот ја прочитале пораката, а истите биле повикани во судскиот процес како сведоци. Судиката ваквата осуда ја донесе врз база на нивните изјави, а никој всушност не можел да докаже, во двегодишниот судски процес кој имал 19 рочишта, дека всушност корисник на фејсбук профилот е самиот Игор К., нешто кое што тој го негирал, велејќи дека некој друг лажно го користел неговото име.
Токму поради тоа и толку долго траел самиот процес. Полицијата побарала помош и од администраторите на фејсбук, за да докажат дека профилот е всушност на Игор К., но според тамошните прописи, ваквите информации се заштитени и не смеат да се објавуваат.
Ова не е првпат да биде донесена ваква одлука. Неодамна во истиот овој суд поради закани на интернет, Велшанецот Тони Ј. беше парично казнет со 25,000 денари откако на двајца членови од граѓанското здружение „Зелена Коалиција“, им се заканувал поради борбата против рестартирањето на Топилницата на постојната локација во Велес. Тони Ј. испратил електронска пошта, наведувајќи дека неговите родители работеле во топилницата и на тој начин обезбедувале егзистенција. При вештачењето врз комјутерот, било утврдено дека пораките ги испратил токму тој., пренесува Дневник.
Ваквите казни се скромни и минимални, но сигурно испратија силна порака до големиот број на корисници, кои отсега треба внимателно и мудро да работат на социјалните мрежи.