13 члена меѓународна криминална банда крадела од картички – фатени се (Видео)


 Единицата за компјутерски криминал заедно со полициите на Србија, Црна Гора и Бугарија, успеа да открие и разбие меѓународна организирана криминална група која со фалсификувани платежни картички правела нелегални трансакции.

Извршиле вкупно 61 нелегални трансакции во вкупно 32 продажни места најчесто бензински пумпи во Скопје, и продажни места со техничка стока во Скопје и Охрид, од кои 26 нелегални трансакции во износ од 494.382 денари биле успешни, а 35 нелегални трансакции во износ од 1.577.436 денари биле неуспешни.

Организираната криминална група е составена од 12 македонски и 1 црногорски државјанин од кои М.Н.(29), Б.Т.(25), двајцата од Скопје и М.Р.(61) – црногорски државјанин, се организатори на криминалната група, а  Ј.З.(25) од Прилеп, Ѓ.Р.(43), Е.Р.(19), Г.М.(31), С.Д.(36), Д.Д.(33), Д.П.(30), З.С.(39), С.Ј.(29), сите од Скопје и М.Р.(35) од Охрид, членови на криминалната група.

При реализацијата на случајот, односно  на 02.10.2012 година извршени се претреси на вкупно 11 локации (десет во Скопје и една во Прилеп), на коишто живееле/престојувале членовите на организираната група.

Во рамки на спроведените мерки и активности за реализација на случајот во Скопје, Струмица, Охрид и Прилеп се приведени 14 лица од кои по извршувањето на разговор 4 лица се пуштени, а 10 се задржани за понатамошна постапка.

Денеска, 03.10.2012 година до Основно Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал е поднесена кривична пријава против тринаесет лица за сторени кривични дела „Злосторничко здружување„ по чл.394 ст.1, „Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување“ по член 271 ст.2 и „Изработка и употреба на лажна платежна картичка“ по чл.274-б ст.1 и ст.2 од Кривичниот Законик.

Во мај 2012 година со приклучувањето кон криминалната група на Г.М. и Д.Д. и С.Д. (брат и сестра) криминалната група го насочила своето дејствување кон вршење на нелегални трансакции со фалсификувани платежни картички на продажни места, а по претходен договор со вработените или сопствениците на истите. На тој начин на 19.05.2012 година членовите на криминалната група, по претходен договор со С.Ј., келнер во ресторан во Скопје, извршиле нелегална трансакција со фалсификувана платежна картичка во износ од 77.000 денари, плаќајќи за роденденска забава во ресторанот.

Во текот на јуни и јули 2012 година во Охрид, братот и сестрата заедно со Г.М., а по претходен договор со М.Р., сопственик и управител на салон за убавина и златара извршиле 3 успешни нелегални трансакции во износ од 181.500 денари и 14 неуспешни нелегални трансакции во износ од 1.130.300 денари.

Ѓ.Р. и Е.Р. (татко и син) биле задолжени да поставуваат уреди за прибирање на податоци од платежни картички во странство, кои податоци подоцна ги доставувале на М.Н., а тој заедно со НН бугарски државјанин ги изработувал фалсификуваните платежни картички.

З.С. бил задолжен да врши нелегални трансакции со фалсификувани платежни картички во странство.

Врз основа на судски наредби на 02.10.2012 година извршени се претреси во домовите на членовите на криминалната група при што е пронајдена опрема за прибирање на податоци од платежни картички: 3 уреди (скимери) за преснимување на податоци од платежни картички кои се поставуваат на банкомати и служат за крадење на податоци од платежни картички, повеќе делови од скимери, 9 фалсификувани платежни картички, 14 надворешни мемориски уреди, 19 компјутери, 22 телефонски апарати и 98 сим картички.  Одземените предмети се доставени до Одделот за крим техника заради вештачење.

Во домот на Д.П. пронајден е пиштол и осум парчиња муниција кои истиот ги поседувал без дозвола. По завршувањето на постапката против истиот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Дел од членовите на криминалната група и претходно се кривично пријавувани за кривични дела извршени со фалсификувани платежни картички и имаат издржувано казна затвор како во Р.Македонија, така и во повеќе европски држави – Луксембург, Швајцарија, Грција и Србија.

Ова е трета истрага која што Единицата за компјутерски криминал ја спроведува во координација на СЕЛЕК Центарот.

За претходните две истраги спроведени во  текот на 2010 и 2011 година, ЕКК од страна на СЕЛЕК Центарот беше наградена за успешно спроведените истраги.

Tags: , , , ,

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1