45 ГОД. ОД СМРТТА НА ЧЕ ГЕВАРА: Дневниците на Че Гевара на интернет (Фото)


Пред 45 години кај боливиското село Ла Игера е убиен Ернесто Гевара де ла Серна, контроверзниот револуционер и своевидната медиумска икона на 20-ти век, и ќе биде запаметен во светот како Че Гевара.

До денес поминаа 45 години од смртта на Че Гевара. Роден како Ернесто Гевара де ла Серна, во богата фамилија во Буенос Аирес, студирал медицина. Во својата младост со мотор патувал низ Јужна Америка, а 1956 год. се придружил на револуцијата на Куба, каде го добива прекарот Че.

Во јули 1958 година, Че одиграл клучна улога во битката кај Лас Мерседес, користејќи ги своите трупи да ја спречи групата од околу 1.500 луѓе. Неговата конечна победа во борбите за Санта Клара, во кои противничките трупи биле бројчано надмоќни, подоцна е опишувана како „ремек-дело во модерното војување“.
По победата во револуцијата, Че добил почесно кубанско државјанство. Најпрво е поставен за директор на Централната банка на Куба, а подоцна и за министер на индустријата.

Кратко по завршувањето на револуцијата на Куба, во август 1959 година, Че Гевара допатувал во Југославија, каде го примил Јосип Броз Тито. Водени се разговори за економско-политичките врски меѓу Југославија и Куба, а во оваа прилика Ернесто Че Гевара е предложен за почесен граѓанин на Белград.

Че Гевара сметал дека и за време на мирот мора да се продолжи револуцијата. Со тие убедувања најпрво заминува во Конго, каде со кубанските герилци се бори против претседателот Моузес Чомбе, а по неуспехот во Конго, оди во Боливија за да им помогне на тамошните бунтовници.
Боливиската војска го фатила 8 октомври 1967 година, кај селото Ла Игера. Следниот ден на 9 октомври 1967 година, му е извршена смртна казна.

ДНЕВНИКОТ НА ЧЕ ГЕВАРА, ОТСЕГА НА ИНТЕРНЕТ

Копија на дневникот со сопствениот ракопис, што херојот на кубанската револуција, Аргентинецот Че Гевара го водел пред смртта во планините на Боливија, отсега ќе биде достапна и на Интернет.

– Целта на секој историски документ е да биде достапен за сите. Благодарение на Интернет, секој може да дознае што се случило пред 45 години – рекол боливиски истражувар, Карлос Сориа Галваро, на чија веб-страница е поставен дневникот на Че Гевара.

Пишуван со вистинско мастило, дневникот го опфаќа периодот од јануари – октомври 1967 год., кога Гевара се обидувал да подигне револуција со селаните во Боливија.

Славниот револуционер е убиен 8 октомври 1967 год. во заседа на боливиските трупи.

Неговиот дневник е пратен за Куба, каде наредната година бил издаден. Меѓутоа, објавениот текст содржел измени во однос на оригиналниот ракопис, најчесто за да се „исчисти“ суровиот начин на изразување на Че Гевара.

Сориа Галваро напишал пет книги за Че Гевара и времето што го поминал во Боливија.

Tags: ,

Александар Младеновски

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1