65 години го чуваат македонското оро и песна – „Танец“ одбележува 65 години постоење


Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ во март полни 65 години од основањето, а годишнината ќе ја одбележи со повеќе активности во цела 2014 година.

tanecНа 23 март во Македонската опера и балет ќе биде свечената академија по повод 65 години од постоењето на „Танец“. планирани се 25 концерти низ Македонија и пет во Скопје, од кои еден ќе биде голем, рече на прес-конференција Зоран Џорлев, директор на најстариот државен фолклорен ансамбл.

„Танец“ ќе има и повеќе настапи во хуманитарни цели, како и неколку гостувања во странство. На 5 јули ќе има концерт на плоштадот во Скопје, во рамки на „Скопско лето“, а по подолг период оваа година ќе гостува и на „Охридско лето“ со голем концерт на Антички театар. Во октомври, пак, планираат концерт „Игри и песни без граници“ во „Метрополис арената“, на кој ќе гостуваат ансамбли од регионот.

Одбележувањето на 65-те години почна овој месец, со промоција на второто цеде „Незаборав“. Наскоро ќе биде промовирана книга за „Танец“, ќе биде објавено едукативно ДВД за најмладите кои го посетуваат ансамблот, а по повод годишнината ќе организира „Средба на генерации“ и ќе им додели признанија и благодарници на сите што биле вработени во „Танец“ во изминатите шест и пол децении.

Одлуката „Танец“ да биде државен ансамбл на тогашна Социјалистичка Република Македонија е донесена во март 1949 година. Богатото фолклорно наследство, песните и ората од Македонија, „Танец“ ги има презентирано на голем број светски сцени, како Карнеги хол во Њујорк, Бољшој-театар во Москва, Опера хаус во Сиднеј, во концертните сали во Катар, Израел, Кина и во повеќето европски земји.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1