Придавката “македонски“ се враќа во извештајот на ЕК, со кој се оценува напредокот на државата во исполнувањето на европските критериуми, пишува весникот Нова Македонија повикувајќи се на високи извори во МНР.
Според весникот, Македонија има одлични шанси на состанокот на Советот на министрите на ЕУ во декември или да добие датум за почеток на преговорите за членство, или, пак, Грција да биде изолирана во блокадата на Македонија.
Повикувајќи се на истите извори од МНР, весникот додава дека годинешниот извештај е речиси готов и дека во него оценките се попозитивни од минатогодишните, а висока рефлексија во него ќе има и дијалогот на високо ниво што со македонските власти го води еврокомесарот за проширување Штефан Фуле.
Според проценките, за Македонија да ги започне преговорите за влегување во Унијата, најважна ќе биде поддршката на клучните играчи во Унијата – Германија и Франција.
Во документот во којшто се оценува напредокот на државата во однос на исполнувањето на европските критериуми, придавката „македонски“,во последниве неколку години е изоставена.
Претседателот Иванов во говорот на Илинден се закани дека нема да прифаќа извештаи за државава, кои не ги вклучуваат идентитетските одредници, а на ова Брисел не даде коментар, туку само укажа на билатерално решавање на спорот со нашиот јужен сосед.