На денешен ден, 23 октомври 1893 година во Солун е основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), која подоцна станува македонско национално движење и дејствува со цел за извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.
Имено на 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собрале шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, коешто ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Aрсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет. Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на ВМРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, преку НОВ резултира со создавање современа самостојна македонска држава.
Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и на националностите кои живееле на оваа територија, за формирање независна држава. Во политичка смисла, тогаш борбата за автономија значела формирање самостојна држава. Затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност, што резултирал денеска да имаме сопствена, независна држава
Празникот се празнува од 2007 година кога беше донесен и изгласан новиот закон за државни празници. Денот е неработен.